Да ја спречиме секоја форма на федерализација

Обидите за уништување на Република Македонија се уште од осамостојувањето од 1991 година, но до 2001 се остваруваат преку надворешни притисоци, а од терористичката војна против нашата држава до денес – и преку внатрешни уцени. Со еден збор континуирано.

За секој нормален Македонец е јасно дека Рамковниот договор го отвори директно патот кон федерализација, а потоа и кон уништување на македонската држава. Тој договор преточен во македонскиот Устав уште во преамбулата ја укина конститутивната суштина на македонскиот народ и го изедначи со малцинствата кои живеат во нашата држава.

На тој начин беа прекршени сите македонски устави од 1946 до 1991 година. Потоа, во членовите 7 и 8 има конкретни чекори кон федерализција. На пример во член 7 е запишано:

„Во органите на државна власт може да се користи друг службен јазик со закон“.

Таквата определба е спротивна на определбата во истиот член дека македонскиот е службен јазик на целата територија на Македонија. При тоа користењето на друг службена јазик се уредува со закон, а не со менување на уставот. Член 8 создава услов за целосен хаос со одлуката дека органите на локалната самоуправа имаат дозвола за користење на јазици на кои зборуваат помалку од 20 посто од граѓаните. Тоа значи дека во општини каде градоначалници се Албанци можат по нивна одлука да се користат неколку јазици. Таков идиотизам не постои дури ни во држави каде што живеат десетици националности. Деконструкцијата на македонската влада се наметнува и со определбата во член 8 за правична застапеност на малцинствата во државнитер органи. На тој начин од граѓанско, македонското општество се трансформира во племенско општество.

Наместо во изминатите 14 години македонските влади да бараат можности за укинување на овој капитулантски договор, чекор по чекор се укинува македонскјата државност. Глупи се тврдењата на македонските политичари (тие на албанските се логични зашто имаат интерес) дека преку Рамковниот договор нашата држава има прифатено обврски. По таа логика во минатото Ататурк мораше да ја прифати турската капитулација со Севрскиот договор, Тито – капитулацијата на Југославија и нејзино парчење од Германци, Бугари и Италијанци, а Путин капитулацијата на Советскиот сојуз и Русија во времето на Горбачив и Елцин. Уште полошо е што поголемиот број од македонските политичари гледаат на згаснувањето на македонската држава како на свршен чин. Доказ за тоа е дека по 2001 година во Македонија има практично две паралелни влади: македонска (независно која партија е на власт СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ) и албанска (независно дали ДПА или ДУИ). Белег на федерализација е како законот за територијална поделба од 2004 година така и самата конструкција на владите: коалициска влада од победниците меѓу „македонската и албанската заедници“. Каде во светот има рамковни договори и етнички коалиции меѓу мнозинства и малцинства кои се во однос 3:1? Во Летонија (членка на ЕУ и НАТО) Русите се околу 30 отсто, но немаат никакви права, да не зборуваме пак за учество во државни институции. Доказ дека бројот на македонските Албанци е под 20 отсто е спречувањето од нив да биде направен попис на населението и барањето овој критериум да не биде важечки.

Така доаѓаме до најавената ревизија на Рамковниот договор на која ќе и претходи конференција за спроведувањето на овој договор на 1 декември. На сајтот на СДСМ од пред неколку денови е објавена англиска верзија на Меморандум (Рамковниот договор исто така беше само во англиска верзија) потпишан од вицепремиерот Муса Џафери со Европскиот институт за мир предводен од Питер Фејт. Кој е Питер Фејт? Специјален пратеник на генералниот секретар на НАТО во 2001 година и координатор на терористичката војна против Македонија. Потоа уредувач на Рамковниот договор, а денес  уредувач на Пржинскиот договор и на завршната федерализација на Македонија.

Прашање е зошто таков клучен Меморандум за ревизија на Рамковниот договор е потпишан од вицепремиер (при тоа Албанец), а не од премиерот Груевски? И уште зошто кога летово новинарите и ние од Македонски манифест прашавме на кого е одлуката да се дадат 200.000 евра за анализа и кој побарал таква анализа Џафери не кажа дека тоа е македонската влада. Тврдеше дека одлуката е на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор во кој скоро сите се Албанци. Денес од документот стана јасно дека Џафери потпишал согласност „во има на владата“. Од тука е и проблемот со спомнатите од мене паралелни влади. Министрите Албанци од ДУИ спроведуваат одлуки на нивниот политички лидер и поранешен терорист Али Ахмети. Низ целото време на коалициска влада тие дејствуваат сепаратистички. Груевски најавува една политика, Ахмети оди во Брисел, во други земји од ЕУ, во Албанија и Косово и дава спротивни изјави. Кој во суштина ја управува државата?

Сценариото од 2001 година се повторува. Повторно САД и ЕУ наметнаа коалициска влада за да биде спроведена финалната капитулација на Македонија. Повторно како увертира за таква влада беше афера прислушкување. Само што меѓу Груевски и тогашниот премиер Љубчо Георгиевски има разлика. Во своето девет годишно управување Груевски попушташе на албанските претензии и на надворешните притисоци од САД и ЕУ. За жал нашите политичари ја немаа храброста на претходниците од антифашистичката борба. Родени се во меки постели и не сакаат да водат борба и да се жртвуваат. Истовремено Груевски не сакаше генерално да попушти за менување на македонскотот име и за федерализацијата. Ете зошто во споредба со Рамковниот договор оној од Пржино ја уништува македонската држава во неколку чекори. Со посебно јавно обвинителство, со парализирање на дејноста на МВР, со повлекувањето на самиот Груевски во јануари идната година. Ако тој беше спремен да ги исполни сите странски претензии тие немаше да бараат негово повлекување каков и криминал да има во државата. Доказ за тоа се Мило Ѓукановиќ во Црна Гора и Бојко Борисов во Бугарија. Обратете внимание, официјалното барање за нов рамковен договор ќе биде во декември, а ќе го спроведува влада во која ќе има друг премиер. Ако се вистински информациите дека на местото на Груевски ќе дојде американската марионета Јолевски тогаш навистина македонскиот народ ќе мора да се спрема за востание. Затоа што притисок врз владата ќе има и од страна на емигрантите. Досега ние од глупост и од послушност кон ЕУ не изградивме ограда на јужната граница. Емигрантскиот бран мора да се стопира цврсто преку армијата и МВР, а на чело на тие институции се луѓе со антимакедонска свест. На тој начин сите калкулации водат кон страшна капитулација.

Во врска со се’ поголемите реакции против заговорот за федерализација, странците и македонските одродници тврдат дека немало да има федерализација тука „само“ албанскиот јазик ќе станел службен во цела Македонија. Државниот буџет ќе се делел на етнички принцип, а државните позиции на ротационен принцип. Тоа е уште полошо од федерализација зашто албанскиот фактор ќе се наметне во целата држава со претензии за нејзино општо име, химна и знаме. Веќе спомнав дека според Фејт македонските Албанци, не како граѓани на државата, туку како етничка заедница морало да добијат исти позиции во вишите институции независно дали се 20 или 10 посто од населението.

Деновиве во улогата на пропаганден диверзант повторно влезе Американскиот републикански институт (ИРИ). Се чудам зошто македонските медиуми му обрнуваат внимание на орган од држава која работи за уништувањето на Македонија. Наводно ИРИ дава позитивни цифри за ВМРО-ДПМНЕ. Имале предност два пати пред СДСМ, дури уште поголема отколку во јуни. Тогаш македонската влада мораше да биде „охрабрена“ да попушти со Пржинскиот договор денес – заради федерализацијата. ИРИ најави таква предност веднаш по иницијативата на Тодор Петров до Уставниот суд за преиспитување на Договорот од Пржино. Диверзијата на ИРИ е видна и од тврдењето дека во јуни 83 отсто од граѓаните поддржувале влез на Македонија во НАТО, а сега „само“ 74 отсто. Тие цифри се точни ако се скратат барем двапати. Фала богу повеќето Македонци се со неиспрана свест и не го прифаќаат натовскиот светски тероризам.

Македонскиот ментален склоп нема да дозволи повторување на 2001 година. Независно од одлуките на политичарите донесени под притисоци и уцени. Затоа што тие секојдневно зборуваат за народот ама уште не се сретнале со него. Нека ги прашаат своите дедовци. Изненадувањето и странските и домашните гробари скоро ќе ги тресне по главата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.