Да не се дозволи дестабилизација и преименување на државата, бара движењето за одбрана на Македонија

Граѓанското движење за одбрана на Македонија, кое го претставуваат дваесетина интелектуалци, денеска повика да не се дозволи дестабилизација на Македонија, нејзино преименување и исчезнување на државата.

– Јас со голема загриженост овие денови го следев сето она кое се случуваше бидејќи сфатив дека се оди кон тоа со внатрешни сили дефинитивно да се затвори македонското прашање. Како да се затвори? Со тоа што ќе не преименуваат, ќе не прекрстат, а нашето преименување, прекрстување, за кое јас се плашам, преку сето ова кое се случува ќе биде чекор кон укинување на државата односно некои туѓи интереси дефинитивно да победат во Македонија, а нашата држава да замине во историјата, истакна историчарката проф. д-р Виолета Ачовска.

Потенцира дека интересите на државата треба секогаш да бидат во прв план, а не борбата за политичка власт.

– Ова го зборувам не од никакви политички побуди, од никакви политички некакви предрасуди или аспекти, исклучиво како историчар, како човек кој ги согледува историските процеси кои водат кон дестабилизација на Македонија. Доколку ние веруваме на странски сили, доколку наместо единство по клучните национални прашања на Македонија кое требаше да го покажат сите граѓани на државата без оглед на нивната партиска провиниенција, ние имаме многу тешки болни прашања за опстојување на нашиот народ, на нашата држава, на нашата нација и тие прашања секогаш треба да бидат во прв план, а не борбата за политичка власт и во името на таа борба да жртвуваме многу национални идеали, истакна проф. д-р Ачовска.

Станала дел од Граѓанското движење, како што рече, исклучиво во својство на историчар и македонски патриот кој повеќе  од 20 години води битка да се сочува македонското име и внатре и надвор од Македонија.

– Навистина бевме загрижени од сето ова кое се случува со Македонија, бидејќи историјата е учителка на животот, а ние историчарите знаеме зошто македонскиот народ до денешен ден најдоцна од опкружувањето и во Европа создаде своја држава бидејќи секогаш интересите на туѓите пропаганди, на туѓите сили, на туѓите разузнавачи биле присутни и во историјајта, а и до ден денешен ден исклучително работат на тоа македонското прашање дефинитивно историски да се затвори бидејќи тоа е се уште отворено. Ние водиме борба за името, водиме борба за идентитетот, водиме борба за признавање на МПЦ – значи македонското прашање иако делумно се затвори со Втората светска војна после 1944 година, 1991 година за непријатно изненадување на сите соседи и на сите странски сили кои имаа стратегиски интерес на Балканот и на Македонија тоа прашање повторно се отвори, рече проф. д-р Ачовска.

Режисерот и писател Братислав Димитров го цитираше славниот теоретичар Хенри Кисинџер, кој кажал дека може да се сменат влади, разни политички гарнитури, но оти не постои сила што може да го победи народот.

– Затоа дојдов овде да искажам еден повик, апел до сите Македонци што се во Македонија, но и надвор од неа на секој сантимер и во секоја секунда да си ја бранат својата татковина и да делуваат сите според своите можности и во својот простор и професионален и приватен. Затоа што ние влегуваме во една криза, која е монтирана се разбира и од надвор со една срамна и една безобразна и патолошка поддршка од некои луѓе од надвор. Затоа ве молам приклучете се секој со своето знаење и умеење и моќ, но секој со чисто срце и свест за својата татковина која е една од последните во Европа и во светот, која секогаш е ставена под знак прашање и спорна без никакви причини. Освен како што тоа се вели нечии лукративни причини, рече Димитров.

Актерот Зоран Љутков побара поддршка од граѓаните и ги повика да му се приклучат на движењето. Последниве неколку дена, посочи Љутков, бев ужасно потресен првпат за иднината на мојата земја, за мојата иднина, а и за иднината на моето поколение.

– Јас сум вработен во државна институција, работам за државата, државата ме плаќа и треба да се грижам за својата сопствена држава и треба да работам за неа и за нејзините интереси. Кога некој ќе ми ја наруши мојата приватност, кога ќе ми ги поткопа темелите на домот, како што тоа сега го прават сега со Македонија, чуствувам страшна вознемиреност и огромна лутина и гнев спрема тие луѓе. Доколку е вистина дека ова се странски служби коишто ни ги поткопуваат темелите на земјата и ја доведуваат во една незавидна положба која што не сме сигурни како може да резултира на крајот, јас се надевам дека не би имало црни сценарија, мислам дека тоа од старт би требало да се прекине, рече актерот.