Да се биде или не за Вардар и Работнички

За неколку часа ќе стартува можеби најважниот натпревар за Работнички и Вардар во актуелната сезона, а дуелот ќе се одигра на националната арена “Филип Втори”.

Ниту една од екипите нема право на кикс, но трите бода се поголем императив за фудбалерите на Вардар кои само со победа ќе останат во игра за шампионската титула.

Бомбардерот на Вардар, Филип Ивановски пред натпреварот изјави дека Работнички има многу квалитетен тим, но трите бода сигурно ќе завршат на црвено-црното конто.

“Знаеме што значи овој натпревар за нас, ова е многу важен натпревар и само со победа ќе се доближиме на Работнички на само еден бод разлика со што притисокот во последните две кола ќе биде врз нив. Добро ги знаеме квалитетите на Работнички и од каде доаѓа опасноста, но и ние ги познаваме нашите способности и квалитети. Ќе биде интересен натпревар, ќе се бориме до последната капка пот и ќе дадеме се од себе да ги освоиме 3-те бода“, изјави Ивановски.

Денеска на програмата: Хоризонт Т. – Пелистер, Брегалница – Металург, Шкендија – Ренова, Македонија ЃП. – Гостивар, Еуромилк – Напредок, Работнички – Вардар.