Дачиќ: Нема нов притисок за воведување санкции кон Русија

Првиот потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ изјави дека нема нови притисоци врз Србија за да воведе санкции кон Русија, по соборувањето на малезискиот авион во Украина, пишува „Лидер“.

„Србија го брани територијалниот интегритет на Украина, но не може да го брани повеќе отколку што го брани територијалниот интегритет на Србија“, порача Дачиќ.

Тој потенцирал дека никој нема право да и држи лекции на Србија за нарушувањето на територијалниот интегритет, бидејќи Белград очекувал и при одбраната на српскиот територијален интегритет да се огласат членките на Обединетите нации.

Во изјава за РТС, Дачиќ истакнал дека Србија нема никакви спорови со ЕУ, дека е суверена земја која ги гледа своите државни и национални интереси и оти не поддржува никакво нарушување на територијалниот интегритет на која и да е земја.

„Наш интерес е да развиваме добри односи со Русија, Кина и други земји и наш национален и економски интерес е да се изгради Јужниот тек.“

Тој уште порача дека Србија најостро го осудува соборувањето на малезискиот авион, дека бара независна истрага и казна за одговорните за тоа.