Дачиќ од ОН побара составување на суд за злосторствата на ОВК

Србија очекува во што покус рок, а најдоцна до почетокот на следната година, да биде формиран специјален суд за воени злосторства на ОВК, изјави во Њујорк шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.

– Уверени сме дека сите земји кои го почитуваат меѓународното право ќе инсистираат на тоа, истакна Дачиќ на седницата на Советот за безбедност на ОН, на која генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун го претстави редовниот, тримесечен извештај за Косово.

Српскиот министер оцени дека распространетоста и обемот на злосторства кои се спомнуваат во изјавата на главниот обвинител Клинт Вилијамсон бараат судски епилог, бидејќи само тоа може да донесе правда и мир за голем број жртви и нивните семејства.

Тој апелираше на клучните фактори во меѓународната заедница да направат се неопходно за специјалниот суд да биде основан до почетокот на 2015 година и предупреди дека не смее да се случи, како што веќе било случај, поради заплашување на сведоци одговорните да бидат ослободени поради недостиг на докази. Дачиќ побара и сите вмешани во заплашувањето сведоци да бидат процесуирани и прогласени за виновни, пренесува Танјуг.

Бан во најновиот извештај побара од косовските власти и Европската унија да обезбедат специјалниот суд да биде формиран најдоцна до следната година. Бан истакна дека извештајот на Вилијамсон од 29 јули е „од клучно значење не само за почитување на основните права на меѓународната правда, туку и за борба против неказнивоста и за тоа сторителите да сносат одговорност за своите дела.

Косово на седницата беше претставувано од министерот за надворешни работи Енвер Хоџај./МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.