Македонија

Дачиќ: Стабилноста на Македонија е од огромно значење за регионот

Дачиќ: Стабилноста на Македонија е од огромно значење за регионот

За ОБСЕ прашањето на стабилноста на регионот и на Македонија е од огромно значење и треба да се употребат сите расположливи капацитети во таа насока, изјави актуелниот претседавач на ОБСЕ и шеф на српската дипломатија Ивица Дачиќ на денешната заедничка прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, по средбата со премиерот Никола Груевски.

– ОБСЕ е организација која се занимава со три димензии – военополитичката и безбедносната, втората е економска и третата се однесува на прашањата за човековите права и демократските институции, прашања на националните малцинства, за дискриминација итн. Многу е важно да се следи имплементацијата на она што е направено и што треба да се направи во однос на имплементацијата на Охридскиот договор. ОБСЕ е подготвен да понуди своја добра волја да посредува посебно во овие политички прашања доколку се разбира постои такво прашање и потреба за тоа од земјата домаќин, изјави Дачиќ по средбата со премиерот Никола Груевски.

Според него, многу е важно прашањето на европската и регионалната безбедност, посебно во овој наш регион, во овој дел на Европа, вклучувајќи го и прашањето на стабилноста на Република Македонија.

GRUEVSKI-DACIC2

Министерот за надворешни работи Никола Попоски го истакна задоволството што Србија како наша соседна земја со која имаме оддлични односи, годинава е претседавач со најголемата регионална организација ОБСЕ.

Република Македонија, како што подвлече Попоски, отсекогаш била силен поддржувач на регионалната соработка и силно верува дека регионалните проблеми, барат регионални решенија за соработка, подвлече Попоски.

Попоски изрази и задоволство што регионалната соработка е високо на агендата на српското претседавање со ОБСЕ, особено што Србија добро ја познава ситуацијата во регионот.

poposki-dacic

– Ја цениме улогата на мисијата на ОБСЕ во Македонија во поддршката на реформските процеси во повеќе области кои се поврзани воедно и со нашата европска интеграција. Во таа смисла разговаравме и за натамошни чекори во оваа соработка со ОБСЕ во сите области кои го покриваат неговиот мандат, рече Попоски.

Министерот Попоски подвлече дека Македонија има одлична соработка и со сите институции во рамки на ОБСЕ како ОДИХР, претставникот за слобода на медиуми, високиот комесар за национални малцинства и други.