Дачиќ бара од Приштина да се држи до договореното

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ смета дека одлуката на косовската влада да не го примени договорот за формирање Заедница на српски општини може да се сфати како одлука на Приштина да се повлече од бриселскиот дијалог.

Во изјавата дадена за руски „Спутник“, Дачиќ предупредил дека Белград би можел сега да го разгледа ставањето надвор од сила на сите досегашни договори постигнати во Брисел.

Косовската Влада вчера го отфрли договорот за почеток на изработка на Статут за формирање на ЗСО, постигнат на неодамнешниот состанок во Брисел, со присуство на високи европски функционери.

– Ако албанските лидери бескрупулозно и без какви било санкции одбиваат да го применат суштинскиот дел од договорот кој го договоривме, Белград може да разгледа ставање надвор од сила на сите досегашни договори што ги постигнавме во Брисел- кажа Дачиќ.

Поради можното пропаѓање на повеќегодишниот преговарачки процес, шефот на српската дипломатија побара од меѓународната заедница, Европската Унија и САД итно да влијаат врз Приштина да ги исполни своите обврски преземени со Бриселскиот договор, бидејќи, како што кажа, се заканува реална опасност преговарачкиот процес дефинитивно да биде прекинат.

– Белград за тоа нема да сноси апсолутно никаква одговорност- заклучи Дачиќ.