Дачиќ: Бурунди со нота го повлекол признавањето на Косово

Африканската држава Бурунди го повлекла признавањето на еднострано прогласената независност поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија, изјави во Белград српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во саботата на денот кога Косово ја слави десетгодишнината независноста и најави дека Србија ќе ја „продолжи борбата за државните и националните интереси“.

„Овие денови во Приштина се одбележува десетгодишнината од еднострано прогласената независност на Косово. Дозволете и јас да дадам свој прилог. Од посетата на Бурунди донесов нота на Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Бурунди со која тие го повлекуваат признавањето на Косово“, изјави шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ на вонредната прес-конференција.

Дачиќ по официјалната посета на споменатата источноафриканска држава со околу девет милиони жители, оцени дека и нотата на Бурунди „покажува колку е кревка ткн независност на Косово“. Притоа го оспори списокот од 116 држави за коишто Приштина тврди дека ја признале независноста на Косово.

„Би ги повикал приштинските органи да ги покажат документите од тие 116 земји, тука се и земји кои не го признале Косово и оние кои не се членки на Обединетите нации и земји коишто го повлекле признавањето на Косово како независна држава“, тврди Дачиќ.

По десет години еднострано прогласената независност и покрај големата поддршка од западните сили , Косово „е далеку од тоа да биде меѓународно признаено“, додаде српскиот министер.

„Косово не е членка на ОН, ОБСЕ, Советот на Европа, најважните меѓународни организации“, констатираше Дачиќ и потсети дека тој како шеф на дипломатијата успеал да убеди три земји да го повлечат признавањето на Косово. Порача дека Србија ќе ја продолжи борбата за државните и националните интереси.

„Не сме голема сила, но од Косово секако сме поголеми“, изјави српскиот шеф на дипломатијата на вонредната прес-конференција во Белград.

Истовремено Дачиќ му забележа на германскиот колега Зигмар Габриел за пораките за обврската на Србија како услов за членство во Европската унија да ја признае независноста на Косово, оценувајќи дека е „арогантно, неприфатливо и контрапродуктивно“ тоа да се бара од Србија кога заедничката позиција на ЕУ никаде не е јасно изречена дека Белград мора да ја признае независноста на Приштина.

„Мојата работа не е да му се додворувам на Габриел, туку да ги бранам интересите на Србија“, изјави Дачиќ коментирајќи ги медиумските извештаи дека шефот на германската дипломатија на косовските функционери во Приштина им рекол дека Србија треба да ја прифати независноста на Косов како услов да стане членка на ЕУ.

„Буквално така кажал во Приштина и потоа заминал на ручек дома кај (косовскиот министер за надворешни работи Беџет) Пацоли. Јас немам ништо против тоа, секој нека мисли како што сака, но со Србија не може така да се разговара“, порача Дачиќ истакнувајќи дека ја цени Германија и ќе продолжи да работи во интерес на добрите односи меѓу двете земји.

„Србија му се радуваше на обединувањето на Германците, само толку сакам да ви кажам“, изјави Дачиќ.

Зигмар Габриел во текот на неодамнешната посета на Белград и Приштина во дипломатски нијанси зборуваше за „прифаќањето“ и „признавањето“ на независноста на Косово, што медиумите во Србија и на Косово го истакнаа и го протолкуваа на различни начини. Едните како сугестија за Белград со Приштина постигне правно обврзувачки договор на двете земји, а другите како обврска да го признае Косово како услов за членството на Србија во ЕУ.