Дачиќ му пееше на Ердоган на турски

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, познат по тоа што сака да запее во друштво, овојпат своите гласовни можности ги демонстрираше пред турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган кој престојува во посета на Србија, а снимката набрзо стана хит на социјалните мрежи.

На снимите се гледа како Дачиќ близу масата на којашто седат Ердоган и неговата сопруга Емина, како и српскиот претседател Александар Вучиќ со сопругата Тамара, ја пее познатата песна „Осман Ага“ на турски јазик.

На YouTube инаку има повеќе снимки на кој Дачиќ со уживање пее.

Меѓу нив е и свечената вечера на којашто Дачиќ ја пее својата омилена песна „Миљацка“, како и онаа на којашто во текот на свечената вечера организирана по инаугурацијата на претседателот Вучиќ во јуни пред поранешниот италијански министер за надворешни работи Франко Фратини ја пее „О соле мио“.

Српскиот претседател во вторникот вечерта беше домаќин на турскиот колега Ердгоан во Домот на гардата, а претходно имаа заедничка прошетка на белградски Калемегдан.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.