Дачиќ најави повлекувње од местото претседател на српските социјалисти

Шефот на српската дипломатија и лидер на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, најави повлекување од претседателската функција во партијата на чиешто чело е од 2006 година, пренесуваат во понеделникот белградските медиуми.

„Мене не можат да ме сменат, може само јас да заминам, за што размислувам. Веројатно повеќе нема да се кандидирам за претседател на партијата“, изјавил Ивица Дачиќ за весникот Курир.

Коментирајќи ги претходните тврдења на овој весник дека актуелниот потпретседател на социјалистите Бранко Ружиќ сака да го смени и да го преземе неговото место на чело на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ ја најавува можноста да се одржи партиски конгрес, на кој ќе се изберат водството на партијата и нејзините органи, доколку биде одржан пред планираното.

„Ја подигнав партијата од пепел по 5-ти октомври (2000 година и падот на Слободан Милошевиќ)… На сите за сé сум им секогаш виновен, и во партијата и во коалицијата, па време е тоа да се заврши. Доста ми е од сé“, вели Дачиќ чијашто СПС е коалициски партнер на Српската напредна партија (СНС) на пораненишниот премиер и актуелен српски претседател Александар Вучиќ.

Во периодот на Слободан Милошевиќ, Дачиќ беше претседател на младите социјалисти на Белград во 1990 година и портпарол на СПС од 1992 до 2000 година, го водеше Градскиот одбор на СПС и беше потпретседател на социјалистите од 2000 до 2003 година. Српски премиер беше од 2012 до 2014 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.