Дачиќ: Решението за Косово не може да биде признавање на независноста

Доколку сакаме трајно решение за Косово тоа не може да се заснова на тоа Србија да ја признае независноста и забележливо е дека Приштина нема волја да постигне компромис, изјави во вторникот српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Шефот на српската дипломатија смета дека сé уште е далеку конечното решение и распишувањето референдум и дека сé уште се трага по решенија.

„По состанокот во Брисел, на делегации од Белград и Приштина со Федерика Могерини, сите се согласни дека за прашањето за Косово постојат можности за конечно решение“, рече Дачиќ и додаде дека и едната и од другата страна треба да вложат дополнителни напори за да се постигне решение.

Во изјава за белградски медиуми, Дачиќ рече дека на средбата е постигнат консензус дека преговорите треба да се интензивираат и потребно е решавање на сите проблеми на мирен начин.

Додаде дека опасните моменти и закани за мирот се предизвикани од инсистирањето на Приштина за Белград да ја признае независноста на Косово.

„Таа закана зборува дека не сакаат компромиси туку само сакаат Белград да ја признае независноста на Косово, или дека со воена акција да го заземат северниот дел на Косово и Метохија“, нагласи Дачиќ.