Дачиќ смета дека доаѓањето на Тачи би ја прекршило државната политика

Кога би дозволиле Хашим Тачи да дојде во Белград во својство на министер за надворешни работи на Косово, би ја прекршиле државната политика кога станува збор за Косово, изјави првиот потпретседател на српската Влада и шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, пренесе МИА.
– Овој обид Хашим Тачи да дојде во Белград – тоа не е помирување. Тоа е обид да се проба дали ние смееме да кажеме „ не можеш“. Па не можеш во овој формат, на ваков начин, не можеш да дојдеш во Србија, порача Дачиќ во интервјуто за „Политика“.

Тачи, со уште четворица министри од регионот, е повикан на собир за европските интеграции на Западен Балкан, кој од 23 до 25 април ќе биде одржан во Белград, соопшти претходно организаторот на собирот, невладината организација Младински одбор за образование.

Српските функционери истакнуваат дека евентуалната посета на Тачи не е усогласена со институциите, оти е непотребна и дека доколку дојде, со оглед на се уште активното обвинение против него, ќе биде уапсен.

Дачиќ смета дека намерата на НВА да организира конференција на 24 април во Белград е провокација.

– Ова е една провокација, каде вистинското прашање е зошто воопшто се одрганизира еден таков собир. Апсолутно никој не ме консултираше околу тоа и морам да кажам дека повикот за настанот во Белград мене ми стаса од Приштина, додаде Дачиќ