Дачиќ: Србија нема да биде членка на НАТО

Нема да аплицираме за членство во НАТО, имаме одлука во во парламентот за воена неутралност. Ова вчера го изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, додавајќи дека Себија нема да влезе во ниту еден воен сојуз.

Србија нема да оди во ниту еден воен сојуз, Србија не оди во НАТО, тоа сите го знаат, рече Дачиќ вчера пред новинарите додавајќи дека со последниот договор што беше потпишан со тој сојуз всушност не се случило ништо ново, пренесуваат српските медиуми.

Дачиќ додаде дека сите влади во Србија по 2000-тата година граделе блиски односи со НАТО, кои што допираат до нивото каде што престанува соработката, а почнува членството.

Воената неутралност на Србија е прогласена со Резолуција во Собранието на Србија во декември 2007-мата година, која се однесуваше на Косово и тоа со само еден нејзин член. Во рамки на „Резолуцијата за заштита на суверенитетот, територијалниот интегритет и уставниот поредок на Република Србија“, член со кој што е утврдена воената неутралност гласи:

Поради вкупната улога на НАТО од противправното бомбардирање на Србија во 1999-тата година без одлука на Советот за безбедност до Анексот 11 на отфрлениот план на Ахтисари во кој се одредува дека НАТО е конечен орган на власт во независно Косово, народното собрание на Србија донесува одлука за прогласување воена неутралност на Република Србија во однос на постоечките воени сојузи до евентуалното распишување референдум на кој би се донела конечната одлука по тоа прашање.

До денес, оваа резолуција и тој нејзин член се единствениот официјален документ што ја споменува воената неутралност.

Во 2013-тата Србија стана посматрач на Заедниците на договорот за колективна безбедност (ОДКБ), сојуз собран околу Русија, што е наследник на Варшавскиот пакт. ОДКБ е организација што се заснова на безбедносно-воена соработка, а од 1992-та година ги поврзува низата членки на поранешниот СССР: Белорусија, Казахстан, Ерменија, Киргистан и Таџикистан.