Дачиќ: Србија сака пријателски односи со Македонија

Република Србија сака и да воспостави и понатаму да одржи пријателски односи со Република Македонија не сака да биде вовлечена во некакви игри.

Ова го истакна министерот надворешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ на заедничката прес конференција со неговиот македонски колега Никола Димитров денеска во Ниш каде претходно остварија средба.

– Сакам да пренесам до македонскиот народ дека од север, од Република Србија не му се заканува никаква опасност. Република Србија нема намера да оспорува ништо што е поврзано со Република Македонија, ниту држава, ниту нација, ниту друго, истакна Дачич.

Додаде дека комуникацијата меѓу двете држави ќе продолжи и натаму и истакна дека премиерот на Република Македонија Зоран Заев е поканет да го посети Белград.

Како што рече тоа ќе биде една посета која ќе ги надгради односите на доверба, особено со претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, и оти двете министерства за надворешни работи ќе се однесуваат и ќе соработуваат во контекст на овие односи.

Најави дека повторно ќе остварат средба во рамки на Бледскиот форум што ќе се одржи на 4 и 5 септември оваа година. – Нашите главни цели всушност ќе се фокусираат на засилување на пријателските односи, меѓусебната поддршка во ЕУ-интеграциите, развојот на добрососедските односи и развојот на стабилноста во регионот, рече Дачиќ.

Во однос на безбедносните структури, рече дека очекуваат и овие структури да воспостават исто така добрососедски, пријателски и односи на соработка со што ќе се штитат правата и интереси на дипломатите и во двете земји.

Истакна дека персоналот во српката Амбасада во Скопје се врати и оти се очекува на 31 август да се врати и амбасадорката која веднаш ќе побара прием кај премиерот Заев и министерот Димитров.

Состанок и Дачиќ и Димитров го оценија како отворен, конструктивен, позитивен и пријателски.

– Разговаравме за причините за овие да речеме релативно турбулентни неколку дена во нашите билатерални односи. Мислам дека областа на разузнавањето е деликатна и колку повеќе шпекулираме во јавноста, толку поголема белја создаваме. Меѓутоа, две поенти би сакал да истакнам. Прво, допрва треба да се види и да се работи на разјаснување на тие информации и второ, се радувам што тие информации доколку излезе дека се такви какви што се, доколку се точни, се радувам што не ја инволвираат македонската Влада. На некој начин оваа епизода покажува колку е важно да сме блиски, колку е важно да имаме дијалог, чист и отворен, истакна на прес-конференцијата министерот Димитров.

Потенцира дека суштината на новата македонска надворешна политика е Македонија и регионот да оди напред и нашите соседи да бидат успешни. – Ние искрено се радуваме на успехот на Србија. И убеден сум дека и Србија се радува кога Македонија успева. И во оваа смисла гледаме напред, а напред има заедничка европска иднина како што и зад нас има заедничко минато во една држава, рече Димитров.

Додаде дека од овие неколку денови може да извлечеме нешто добро, а тоа е да ги подобриме односите од она што беа во петокот или во саботата.

Изрази задоволство што има еден ваков канал на комуникација и посочи дека е договорено тој да биде постојано отворен.

– Тоа го должиме на нашите граѓани, граѓаните на Србија и веројатно исто така и тоа го должиме на идната заедничка европска иднина. Се радувам што ќе се видиме на форумот во Блед на 4 и 5 септември. Утре ќе има средба и на премиерите во Драч, во Албанија, премиерот Заев и премиерката Брнабиќ. Мислам дека сме на добар пат и мислам дека со вака конструктивни разговори како денеска во Ниш ќе стигнеме далеку, и Македонија и Србија, рече Димитров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.