Дајанчо Ефтимов е нов пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја информира јавноста во Република Македонија дека на вчерашната 71-ва пленарна седница во Собранието на Република Македонија беше верификуван мандатот на новиот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Дајанчо Ефтимов кој на оваа позиција доаѓа на местото на пратеникот Ромео Тренов кој што беше назначен за Директор на АД Водостопанство.

Дајанчо Ефтимов доаѓа од Општина Василево односно од листата на кандидати за пратеници во Изборната единица 4. Дајанчо Ефтимов по професија е дипломиран правник со положен правосуден испит. Досегашното работно искуство го стекнува како правник, а подоцна и како раководител во Јавната Установа Меѓуопштински Центар за социјални работи во Струмица. Ефтимов потоа работел и како раководител во Управата за имотно – правни работи односно Одделението за првостепена управна постапка во Струмица кое е во склоп на Министерството за финансии.

Дајанчо Ефтимов од 2009 година е советник од редовите на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Василево, а од февруари 2015 година е и Претседател на Советот на Општина Василево. Тој воедно е и Претседател на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Василево.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на пратеникот Дајанчо Ефтимов му посакува успешно извршување на функцијата пратеник и сигурни сме дека ќе работи како претставник на граѓаните во Собранието на Република Македонија и достоинствено и пожртвувано ќе ги застапува и брани нивните интереси, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.