Далај Лама стравува дека е последниот што ја носи таа титула

Тибетанскиот духовен водач Далај Лама изјави дека стравува дека можеби тој е последниот што ја носи оваа повеќе векови стара титула, пишува МИА.

Далај Лама кој од 1959 година се наоѓа во бегство, откако кинеската војска го скрши отпорот на тибетанските бунтовници кои настојуваа да ја повратат својата независност, смета дека само народот од Тибет треба да одлучи дали ќе продолжи да постои институцијата Далај Лама.

Властите во Пекинг од поодамна „војуваат“ против него и неговото делување во меѓународната јавност, па одлуката од пред повеќе години, тој да добие Нобелова награда за мир ја означуваат како „провокација“.

Кина продолжува да се противи Далај Лама да добива третман на државник при патувањето во странство и да биде приман од највиските претставници на државите каде престојува, иако Далај Лама последниве години ја ублажи својата позиција кон властите во Пекинг и ги промени гледањата кон иднината на Тибет.

Долги години по бегството од Ласа во Индија, каде живее изминатите 55 години, тој заговараше независност за оваа, сега кинеска провинција. Од пред некоја година, меѓутоа, Далај Лама зборува за автономија на Тибет во рамките на кинеската држава.

Стравувањата за иднината на оваа духовна титула се потикнати од неможноста да се најде негов наследник. Уште во 1995 година, Далај Лама одбра едно младо момче за да биде Панчен Лама, но кинеските власти одбија да го прифатат таквото решение и избраа свој човек за иден тибетански Далај Лама.

Според вековното верување во тибетанскиот будизам, втората највисока личност е Панчен Лама и носителот на оваа титула би требало да има клучна улога при изборот на наследник на Далај Лама.

– Сето тоа, сега ќе зависи од околностите што ќе настанат по мојата смрт и од волјата на Тибетанците, изјави за Би-Би-Си Далај Лама кој има 79 години.

Во околностите се сметаат и внатрешните состојби и демократизацијата на Кина. Тој вели дека Велика Британија, а и светот, сосема слабо реагираат на случувањата во Хонг Конг и тамошните продемократски протести, поради економските и бизнис интереси. Но Далај Лама смета дека меѓународната заедница има „морална обврска“ да ја внесе Кина во главните текови на демократијата, затоа што тоа е и во кинески интерес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.