Македонија

Дали Бубо Каров протестира за повторно да земе милиони од МРТВ?

Дали Бубо Каров протестира за повторно да земе милиони од МРТВ?
К-15 од МРТВ за две години емитување наплатиле 1,2 милиони евра

Еден од членовите на популарното хумористично шоу К-15, Љупчо Бубо Каров, може да се забележи како дел од онаа мала група која протестира пред зградата на МРТВ.

Пред околу една и пол година тој изјавуваше дека нема медиум кој што би го емитувал нивниот производ, односно хумористичното шоу.

„Не постои медиум каде што К-15 може да се емитува. Значи има медиуми кај што ние не сакаме да се емитуваме, поради тоа што ни е срам да се емитуваме на нив, а имаме и медиуми кои што сакаат да не видат таму, ама викаат искрено да ви кажам побитно ми е тие 50-тина вработени да земаат плата“, велеше Каров во една од своите изјави тогаш.

Но, според информациите до кои тогаш дојде Нетпрес, всушност причината зошто К-15 не можат да најдат медиум за емитување не се воопшто политиките на медиумите, туку финансиите кои ги побаруваат К-15 за емитување на кратките хумористички епизоди со ликовите на Цацко, Миле Паника и Тошо Малерот.

Нетпрес согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во декември 2013 година испрати барање до Македонската радио телевизија за увид во договорите потпишани со К-15 продукција во април 2007 година за емитување на К-15 серијата на МТВ во периодот до 2007 до 2009 година.

Според договорот потпишан од тогашното раководство на МРТВ и претставниците на К-15, Бранко Огњановски и Васко Тодоров, К-15 од МРТВ наплатиле фантастични 1,2 милиони евра!

„МРТ се обврзува да и’ исплати на К-15 Продукција: За првата за емитување на програмскиот материјал од ставот 1 од Членот 2 од овој Договор: три илјади и триста евра (плус ддв) за една ’Дневна доза’, во денарска противвредност по средниот курс на НБМ на денот на исплатата; За правата за емитување на програмскиот материјал од ставот 2 од Членот 2 од овој Договор: пет илјади евра (плус ддв) за една емисија, во денарска противвредност по средниот курс на НБМ на денот на исплатата“, стои во договорот што К-15 го потпишале со МРТВ на втори април 2007 година.

Според договорот, за првата година од емитувањето од април 2007 до март 2008 година К-15 заработиле 602 илјади евра, а исто толкава заработка имале и за втората година од емитувањето.

Каров самиот во интервју за Радио Слободна Европа објавено во јануари, 2013 година, вели дека хуморот скапо чини.

„Хуморот во светот е скап производ за кој треба дебело да платите, но кај нас во Македонија тоа не функционира. Ако во соседна Бугарија еден од нивните хумористи е на петто место во првите десет најбогати луѓе во земјата, кај нас тоа е незамисливо“, вели Каров.

Од она што може да се заклучи од договорот со МТВ, нивниот хумор всушност чини милиони евра, но според изјавата на Каров, тој износ воопшто не е скап.

К-15 од МРТВ за две години емитување наплатиле 1,2 милиони евра
К-15 од МРТВ за две години емитување наплатиле 1,2 милиони евра

Не е познато колку К-15 наплатиле од последните телевизии на кои се емитувала нивната серија.

Директорката на Алфа Тв, Симонида Кажиќ, каде последно се емитуваше К-15, во 2013 година изјави дека телевизијата и’ понудила нов договор на продукцијата, но од нив не добиле одговор.

„На тимот од К-15 им беше истечен договорот за емисијата и после истекувањето ги повикавме на разговор, затоа што колегиумот на Алфа телевизија беше расположен емисијата да продолжи да се емитува и понатаму. На состанокот дојде Бранко Огњанов, бевме јас и Љупчо Николовски и му понудивме да продолжиме со соработката, но тој ни рече дека заминуваат на турнеја низ Австралија и дека не е возможно веднаш да продолжат со емисијата, по што никогаш повторно не се јавија. Тоа беше негде во месец февруари, тогаш им истече договорот и веднаш им понудивме да продолжат да се емитуваат на Алфа телевизија. Им ги понудивме истите услови како и пред тоа, значи ни денар помалку, но отако заминаа на нивната турнеја повеќе не се ни јавија ниту на мене, ниту на програмскиот уредник“, вели Кажиќ во изјава за порталот Курир, кратко откако заврши емитувањето на К-15 на Алфа ТВ.

Серијата К-15 почна да се емитува кон средината на 90-тите години од минатиот век во изминативе две децении смени повеќе медиуми меѓу кои и Сител, Канал 5 и некогашната А1 Телевизија.

Во изминатиов период, еден од членовите на К-15, Љупчо Бубо Каров, стана дел од групата, која протестира пред МРТВ. Оттука се отвора прашањето, дали Каров можеби протестира за повторно да издејствува својот хумор, според него, „евтино“ да го продаде на националниот сервис?