Свет

Дали денеска Јункер ќе го замени Баросо?

Дали денеска Јункер ќе го замени Баросо?

Гласањето и очекуваниот избор на Жан-Клод Јункер за претседател на Европската комисија, лидерите на земјите-членки на Европската унија го оставија за денеска, во рамки на вториот ден од Самитот на Европскито самит,пренесоа медиумите.

По синоќешното присуство на шефовите на државите и Владите на церемонијата во градот Ипер во Белгија на одбележување на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна, тие одржаа неформална вечера како почеток на јунскиот Самит, на која според претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, ја отвориле темата за идниот прв човек на Еврокомисијата.

Сепак, гласањето за наследник на Жозе Мануел Барозо, според челникот на Советот, ќе се одржи денеска.

Шефовите на држави или влади на членките на ЕУ потоа ќе разговараат и за изборот на следниот претседател на Европската комисија, при што се очекува судир меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер Дејвид Камерон, во однос на назначувањето на Жан-Клод Јункер за наследник на Барозо.

Со оглед на тоа што има поддршка од речиси сите останати европски лидери, како и на мнозинството во Европарламентот, предлогот на Меркел се очекува да помине и Јункер во идните пет години да ја предводи Европската комисија. Неговиот избор доаѓа заедно со програма за стратешките приоритети на Европската Унија во годините што доаѓаат.

За наследникот на Барозо треба да гласаат најмалку 52 проценти од присутните во Советот кои претставуваат најмалку 66 отсто од жителите на Унијата, Јункер се очекува да биде избран со огромно мнозинство, наспроти противењето на Велика Британија.

„За време на нашата неформална вечера во Ипер синоќа, шефовите на држави или влади на членките на ЕУ разменија ставови во врска со стратешкиот план за Европската унија во годините што доаѓаат. Оваа дискусија ќе продолжи денеска во Европскиот совет во Брисел“, потврдил рано изутрина Ван Ромпуј.

Според најавите, Самитот на Советот е сконцентриран на Европскиот семестар, правдата и внатрешните работи, како и на енергетската безбедност и климатските промени. Европскиот совет ќе се сретне и со украинскиот претседател и ќе разговара за ситуацијата во Украина.

Во исто време, Ван Ромпуј и претседателот на Еврокомисијата, Жозе Мануел Барозо, денеска ќе ги потпишат договорите за асоцијација со Грузија и со Молдова, а ќе биде завршен и процесот на потпишување на спогодбата со Украина, што за секоја од овие земји обезбедува длабока и сеопфатна слободна трговска зона со Унијата.