Анализи

И будистите ја користат верата да го оправдаат насилството Дали митот за будистичкото ненасилство е производ на фантазијата на Западот

Дали митот за будистичкото ненасилство е производ на фантазијата на Западот

Будизмот на Западот се перцепира како инхерентно пацифистичка филозофија, но зголемувањето на насилната реторика на досега малата, но се повлијателна група на тврдокорни монаси во делови од Азија, го оспорува толерантниот имиџ на будизмот, се наведува во текстот кој деновиве беше објавен од страна на новинската агенција АФП, насловен како „Зголемување на насилната будистичка реторика им пркоси на стереотипите “.

Рохините, муслиманско малцинство кое се смета за најпрогонуван народ во светот, во Мјанмар, поранешна Бурма преживува геноцид. Но освен војската ги прогонува и локалната будистичка популација.

-Ги бранам своите своите најблиски како што и Вие би ги бранеле оние што ги сакате. Јас само ги предупредувам луѓето за муслиманите. Замислете ја ситуацијата дека имате куче кое, за да ве предупреди, лае кога странци доаѓаат во вашата куќа. Јас сум како тоа куче. Јас лаам- изјави своевремено Ашин Вирату, мијанмарски монах со детски лик кој стана главен симбол на будистичкиот тврдокорен национализам во Азија.

Станува збор за тренд поради кој- особено по неодамнешните случувања во Мијанмар, но исто така и по најновите случувања во Шри Ланка каде поради анти-муслиманските протести е прогласена вонредна состојба – многумина се прашуваат дали будизмот е навистина онаков каков сме навикнале да го разбираме.

 

За многумина, поранешните настани во Мјанмар и сега во Шри Ланка – во контекстот на пацифистичкото, хармонично сфаќање на будизмот- претставуваат комплетен шок.
Но Мајкл Џерисон, експерт за религија од Државниот универзитет Јангстаун, Охајо, САД, кој има напишано книга за будизмот и насилството, тврди дека ова изненадување не е оправдано.
И будистите, како што тој тврди, како и секоја друга религија низ историјата, користеле вера за да го оправдаат насилството. Тоа е токму она што се случува сега во Мјанмар, Шри Ланка и Тајланд.

-Независно за која држава станува збор, постои заеднички став дека будизмот на некој начин е загрозен. Секое од овие подрачја имаат своја историја, причини и луѓе кои ја потпалуваат омразата, но тие се меѓусебно поврзани- објаснува Џерисон.

Тој верува дека историската огорченост се совпадна со сегашниот тренд на исламофобија која добила во сила откако Талибаните во 2001 година ги уништија статуите на Буда во Бамијан во Авганистан и следејќи го ширењето на реториката за војна против тероризмот.

Најсериозна ситуација е во Мјанмар, поточно во државата Ракхина каде мнозинското население се припадници на муслиманското малцинство Рохини, според мислењето на многумина, најпрогонетиот народ на светот.

Систематското угнетување и сегрегација на Рохините во Мијанмар, кои властите не ги признаваат и ги сметаат за нелегални мигранти од Бангладеш, односно Бенгали,  трае со децении, од доаѓањето на воената хунта на власт, а кулминираше во втората половина на минатата година. Откако во август лани бунтовниците нападнаа испостави на мијанмарската полиција и армија, властите во земјата со невидена сила се обрушија врз Рохините.

Мијанмарските власти тврдат дека спроведуваат акции за чистење на земјата од терористи, но постапките на армијата Обединетите нации ја поистоветија со етничко чистење. За само неколку месеци границата со Бангладеш ја преминале дури 700.000 Рохини, бегајќи од убиства, палење на куќите и селата, како и за силувања за кои ги обвинуваат членовите на мијанмарските безбедносни сили, а понекогаш и будистичкото население.

 

Како еден од виновниците за најновиот, погубен бран насилство многумина го посочуваат токму „кучето што лае“, Вирату. Како духовен лидер на националистичкото движење 969 и шеф на Ма Ба Tха (Организација за заштита на расата и религијата), запаливата антимуслиманска реторика тој ја пропагира со години. Иако дејствувал и претходно, самопрогласениот „Бурмански Бин Ладен” се претвори во вистинска политичка сила по 2011 година, кога земјата го тргна патот на транзиција по децении владеење на воената хунта. Либерализација само му обезбеди дополнителни канали за ширење на потенцијално опасни пораки.

Тие се добро познати, дистрибуирани преку социјалните мрежи и на Ју тјуб. Тој ги повика следбениците „да ги протераат муслиманите од Мијанмар бидејќи тие заслужуваат помалку заштита од комарците”. Ракхина, убеден е, „се соочува со теророт на Бенгалите“, а во секој град постои „дивјачко муслиманско мнозинство”, „во секој град сме силувани, сексуално злоупотребени и малтретирани“. Понатаму, „ако купувате во муслимански продавници му помагате на својот непријател”. И конечно, не постои шанса дека обвиненијата за силување се точни, „ бидејќи нема војник кој би го допрел телото на муслиманска жена, бидејќи тие се премногу одбивни“.

Неговите пораки и претходно имале смртоносни последици. Во Меиктили, град во центарот на земјата, во 2012 година била запалена џамија, а стотици луѓе загинаа. Две години подоцна во Мандалај избија немири. Две лица загинаа во судирите што се случија откако муслиманите беа лажно обвинети за силување будистика.

Иако властите официјално го казнија Вирату (во 2003 година беше осуден за ширење омраза и беше ослободен по девет години, а во март 2017 година му е изречена едногодишна забрана за проповедање), од друга страна, тие ја толерира неговата порака.

-Неговите проповеди промовираат љубов и разбирање меѓу религиите. Невозможно е да се поттикне верско насилство –  рекол своевремено во интервју за Ројтерс, поранешниот министер за религија,  Сан Синт.

И покрај забраната за проповедање, Вирату го посети Ракина два пати минатата година.

Иако не е ни приближно во исти размери како во Мијанмар, будистичкиот национализам се појави со своето грдо лице и на Шри Ланка, во уште една мнозински будистичка земја. Властите неодамна прогласија вонредна состојба поради анти-муслиманските протести и ја ограничија активноста на социјалните мрежи и на апликациите за пораки.

Беше воведен и полициски час. Овие мерки беа преземени поради новиот бран на насилство во кој меѓу другото беа уништени најмалку 200 муслимански деловни објекти. Вонредна состојба е прогласена за прв пат од 2009 година, кога беше ставена точка на деценискиот конфликт со хиндуистичките  Тамилските тигри кои се бореа за независност.

Во фокусот на тамошниот будистички национализам до 2009 година беа токму Тамилите, но по таа година вниманието на националистичко движење се пренасочи кон локалното муслиманско малцинство кое претставува десет проценти од вкупното население.

И Шри Ланка го има својот Вирату. Тоа е монахот Галагоди Атеу Гнанасари, лидерот на движењето Силите на будистичката сила. Тој го проповеда следново: цивилизацијата на островот била изградена од Синхалезите, мнозинското население и Шри Ланка им припаѓа на нив. Сите проблеми на островот ги создале белците, британските колонијалисти го уништиле, а тековните проблеми се дело на аутсајдерите – Тамилите и муслиманите. На мета, исто како и во Мјанмар, се умерените будисти кои се залагаат за соживот со муслиманите.

-Не може да се каже дека будизмот е понасилен од другите религии. Но докажува дека ниту една група не е имуна на можноста да шири насилство, па дури и смртоносно, ако е во позиција и има моќ да го стори тоа. Групата која нема моќ, не може ефикасно да го шири насилство, а тоа е ситуација која може да се промени во моментот кога ќе ја преземе контролата над владата или само со нејзин дел- вели Џерисон.