Дали невладини од Шарената револуција, се финансираат со пари од граѓаните?

Заев треба да и даде одговор на јавноста, дали невладините организации кои учествуваа во таканаречената шарена револуција сега се финансираат од парите на граѓаните? Владата предводена од СДС уште во првите 100 дена започна со згрижување на активистите од невладиниот сектор. Видовме како Заев ги смести во владата, министерствата и државните институции активистите кои учествуваа во т.н. шарена револуција и по насилен пат ја уриваа легално избраната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, истакна на денешната прес-конференција Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Данев вели дека истите личности, кои Заев ги ангажираше како членови во разни совети, сè уште се активни во невладините организации кои работат по диктат на СДС. На тој начин, овие личности добиваат огромни грантови од надворешни извори, добиваат плата од државата и добиваат милионски суми од буџетот на Република Македонија.

-Последните два месеци забележани се трансфери на огромни суми од државниот буџет на сметките на невладините организации за кои нема појаснување како ќе бидат трошени овие средства. Јавноста треба да биде запознаена со работата на невладините и со нивните извори на финансии. Во периодот од 7-ми август до 20-ти септември 2017 година, од буџетот на Република Македонија кон невладините организации биле префрлени 26.125.877 денари. Од кои, највпечатливи се трансакциите кога во еден ден се префрлувале по неколку милиони денари на сметките на невладините, нагласува тој.

Како што вели Данев на 8-ми август од буџетот се префрлени 6.755.730 денари, на 23-ти август од буџетот се префрлени 4.666.666 денари, на 24-ти август се префрлени 1.485.000 денари, на 31-ви август се префрлени 3.350.000 денари, додека на 20-ти септември се префрлени 5.266.666 денари на сметките на невладините организации.

-Имајќи го во предвид работењето на дел од невладините организации во минатото кои одработуваа за кампањата на СДС и нивните извори на финансии, нејасно е дали истите невладини организации кои насилно ја уриваа легално избраната влада на ВМРО-ДПМНЕ сега добиваат милионски суми од парите на граѓаните, посочува Данев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.