Дали СДСМ е предмет за изборни нерегуларности во истрагата на Основното Јавно Обвинителство?

Основното јавно обвинителство – Скопје денеска објави соопштение дека веќе има отворено постапка за изборни нерегуларности, уште во текот на 2016 година.

Постапувајќи по кривична пријава поднесена од надлежна институција, Основното јавно обвинителство – Скопје минатата година оформи предмет против едно лице – организатор на изборна кампања и други лица, како и против едно правно лице за сторено кривично дело – Злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања од член 165-а од Кривичниот законик. Делата за кои е отворена постапката се во врска со употреба на недозволиви средства за изборна кампања и давање на лажни податоци во финансиските извештаи, се вели во информацијата до јавноста на ОЈО.

Оттаму, информираа и дека засега, како сведоци, се сослушани и повеќе од 70 лица.

Во соопштението е наведено дека „Основното јавно обвинителство – Скопје во работењето постапува неселективно и неповрзано со преземени дејствија на други органи, ја води постапката без да објави податоци за нејзиниот тек за да не ја повреди тајноста што  е обезбедена со закон. Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека во моментот кога ќе се стекнат законски услови, јавното обвинителство ќе излезе со поконкретни податоци“.

Оттука, се отвора прашањето дали под лупа на ОЈО, во делот на информацијата до јавноста каде оваа институција информира дека „Делата за кои е отворена постапката се во врска со употреба на недозволиви средства за изборна кампања и давање на лажни податоци во финансиските извештаи“, всушност станува збор за финансискиот извештај кој СДСМ го објави на својата страница и го достави до Државниот завод за ревизија, кој исто така го објави на својата веб страна?

„Нетпрес“ досега објави неколку текстови за евентуална финансиска злоупотреба поврзана за изборната кампања на опозициската СДСМ.

Иако, според изборниот законик, финалните финансиски извештаи партиите треба да ги достават во рок од три месеци по завршувањето на изборите, а од СДСМ велат дека тоа ќе го сторат во законскиот утврдениот рок (30 дена по затворањето на трансакциската сметка) во март, годинава, сепак, многу суштествени прашања и нејаснотии се посочуваат на контото на ова политичка партија.

Како е можно во досегашните два финаниски извештаи, кои јавно се објавени и на страницата на Државниот завод за ревизија, и на веб-сајтот на СДСМ, во делот за превоз и транспорт кои се однесуваат за кампањата да има нула трошоци?

Исто така, во досегашниот извештај поднесен за првиод дел од кампањата од 10.11 до 30.11 под ставката 13 услуги за копирање, печатење и издавање се потрошени исто така, нула денари.

Треба да биде логично и да очекуваме дека извештајот за „првиот дел од кампањата“, допрва треба да се ревидира со финалниот извештај?

Понатаму, јасно се гледа дека за истата услуга во извештајот и за вториот дел од кампањата од 01.12 до 09.12 не е се пријавени никкви трошоци. Значи ли тоа дека можеби за целата изборна кампања СДСМ не потрошила пари за печатење, копирање и издавање на материјал, или пак двата извештаи досега прикажани се небитни, и треба да се чека само на  финалниот извештај? Па зошто тогаш се прават и првичните, ако ништо не значат и се подложни на манипулација, како што тврдат од СДСМ.

Значи ли тоа дека се измислени и шпекулациите за нереално прикажана финансиска состојба за изборната кампања, што според досега прикажаните извештаи на СДСМ, за реклами и флаери партијата потрошила само 510.842 евра (31,422.960 денари)? Бидејќи доколку реално се видат ценовниците за реклами по секунда на телевизиите, ценовниците за огласи по весниците и за билборди, се доаѓа до драстично поинаква сума, што според некои проценки е над 300.000 евра повеќе од објавената сума во досегашниот финансиски извештај на СДСМ.

zaev-flaer-640x389-520x316

СДСМ ги демантираше овие информации, посочувајќи дека се’ уште немаат поднесено вкупен финансиски извештај за изборната кампања и тврдејќи дека Нетпрес ги фалсификувал извештаите, кои се јавно достапни на интернет тсраниците и на партијата и на Државниот завод за ревизија, а и двата се исти. Останува дилемата како ќе се корегираат „нула денари“  потрошени за превоз, транспорт, реклами, флаери… нешто без што е незамислива политичка кампања. Уште повеќе што во текот на кампањата имаше флаери на СДСМ, како и нивната програма, што секако е печатен материјал. Исто така, во текот на кампањата беа објавени безброј фотографии и видео снимки од митинзите на опозицијата, а на кои јасно се гледаат колони од комби возила и автобуси, кои вршеле превоз на луѓе, а во финансискиот извештај стои дека за оваа намена партијата потрошила нула денари?!

SDSM_Kampanja_Prevoz(A)

Негирањето на сите овие обвинуања од страна на СДСМ, секако дека во извесен дел „држи вода“, но, од друга страна, сите овие околности и јавно обелоденети финансиски конструкции, реално поттикнуваат сомнежи за кои јавноста, и тоа како, заслужува одговори!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.