Спорт

Дали УЈП го фати Червар во лага ?

Дали УЈП го фати Червар во лага ?

Во годината кога ракометниот вицешампион Металург ги остави на цедило речиси сите свои првотимци, а македонските репрезентативци од овој клуб беа без земена плата со месеци, тренерот Лино Червар заработил неверојатни, за македонски прилики, 300.000 евра.

Ова може да се заклучи од вчера објавената листата на должници кон Управата за јавни приходи (УЈП), на која се најде Хрватот со неплатен персонален данок на доход (ПДД) во висина од 1.705.129 денари. Со оглед на тоа што даночната стапка по која се пресметува ПДД во Македонија изнесува 10-отсто, тогаш лесно може да се заклучи дека Червар во 2014 година имал приход од 17.051.290 денари што е приближно на погоре наведената фантастична сума!

Иако долгот стои под графата „по друга основа“, очигледно е дека станува збор за примања од Металург, затоа што самиот Червар во својата вчерашна изјава рече дека треба да провери со сметководството на клубот, затоа што тој, колку што знае, своето го пријавил. Со овие зборови, стратегот на Металург индиректно ја исклучува можноста долгот кон УЈП да биде по некоја друга основа освен на примените плати односно хонорари од тимот од Автокоманда.

Сето ова се случувало во период кога клубот прогласи финансиска криза, жртвуваше цел тим со репрезентативци, кои поради нарушената животна егзистенција го погазија достоинството и молеа за своите заслужени плати. За тоа време, „Магионичарот од Умаг“ често знаеше да им се пожали на хрватските новинари дека година ипол нема земено денар, а се изредија и десетици прес-конференции на кои со чемер во душата зборуваше за спас на клубот од финансиската бездна.

Заклучокот кој се наметнува по сето ова е дека Червар или бил амнестиран од финансиската криза, па земал редовни примања, или, пак, Металург стоел на здрави нозе, а егзодусот на репрезентативците бил покренат од други мотиви.

Червар дури и навистина да не знаел дека данокот за неговиот приход не е подмирен, знаеле од сметководството на Металург, кој очигледно не ги остави со подзинати усти само своите ракометари, туку и државата.

Извор: Спортмедиа