Дали утрешниот ден ќе биде историски за македонскиот фудбал ?

Во Нион утре напладне, на прес-конференција, ќе биде обелоденет изборот на УЕФА за град-домаќин за Суперкупот на Европа за 2017 година. Македонија се надева дека тоа ќе биде Скопје и националната арена “Филип Втори”.

ЕКИПА од извори во УЕФА уште пред еден месец откри дека Скопје има огромни шанси да ја добие организацијата на овој голем настан, во нашата држава да почувствуваме дел од магијата на врвниот европски фудбал. Тоа го потврдува сега и генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.

“Позитивно е расположението во европските фудбалски кругови Скопје да биде организатор на овој настан во 2017 година, но сепак треба да се почека до конечната потврда. Ако се потврдат очекувањата, утрешниот ден би можел да биде историски за македонскиот фудбал, за Скопје и за Македонија, кои би добиле можност да бидат центар на европскиот и на светскиот фудбал”, вели Филип Поповски, генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија.

Скопје и Националната арена “Филип Втори” имаат големи шанси да бидат домаќини на Суперкупот на Европа во 2017 година. Тоа е натпревар меѓу екипите победници во Лигата на шампионите и Лигата на Европа. Скопје е главен кандидат за организацијата на Супер купот во 2017, а Кардиф и импозантниот “Милениум стадион”, пак, се очекува да бидат домаќини на финалето од Лигата на шампионите во 2017 година.

Годинава Суперкупот на Европа ќе се одржи во Тбилиси, Грузија, а за трофејот ќе се борат Барселона и Севилја.

Суперкупот на Европа е настан кој го следат милиони луѓе ширум светот, го пренесуваат речиси сите земји во светот и претставува врвна фудбалска претстава. За земјата-домаќин е огромна можност за промоција и афирмација во светот.

Следната 2016 година, Суперкупот на Европа ќе се одигра на стадионот “Леркендал” во Трондхајм, Норвешка, кој е со капацитет од 21.166 седишта. Интенцијата на УЕФА, преку доделувањето на организацијата на Супер купот на помалите земји во Европа, е дополнително да се даде импулс за развојот на фудбалската игра и во овие средини.

Извор: Екипа.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.