Дали вакви јазични права имаат Македонците во соседството?

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев на реплика во македонското Собрание му се обрати на пратеникот на СДСМ, Томислав Тунтев, на седницата каде СДСМ се обиде да го протне Законот за јазици.

Велите дека овој закон има европско знаменце и тоа било европски закон. Дали овие права ги има некој Македонец во Грција? Дали овие права ги има некој Македонец во  Бугарија, Албанија, во Србија или Косово? Кажувате цитат „Мајчиниот јазик е право на секој човек секаде“. Дали мајчиниот јазик е право, ова што вие ќе го гласате тука, на Македонците во соседството? Одговорот го знаеме и вие и јас. Дали СДСМ ќе се согласи, а не ви е тука ниту еден кандидат за градоначалник, молчат, дали ќе се согласите да заедно изгласаме декларација поединечно до секоја соседна земја и да побараме од неа да имплементира ваков закон? Да кажеме за соседните земји да го направат ова?

Нема да се согласите зошто мора да ќутите, мора да се умилкувате таму? И да изгласаме такво нешто, ќе ни речат „ Македонијо гласајте си такви работи, но кај нас тоа нема да помине, така ќе ни одговорат, рече Ѓорчев.

Ѓорчев потенцира дека СДСМ може да победи на избори само во случаи кога го заобиколува македонскиот народ.

Ако ова било во рамките на охридскиот Рамковен договор, зошто СДСМ ова не го изгласа 2002-2006? Тогаш СДСМ и ДУИ, истите коалициони партнери имаа 78 пратеници. Зошто не го изгласавте? Затоа што никогаш Бранко Црвенковски не би се согласил на ваков закон. Зошто ви молчи Бранко Црвенковски? Зошто ви молчат поранешните раководства? Зошто ви молчат поранешните премиери? Затоа што свесни се што правите. Вие имате системски проблем што редовно македонскиот народ не ве гласа и од тие причини треба да го бајпасирате тоа и треба да го заобиколите македонскиот народ во составувањето на вашите влади, рече тој.