Дали Ван Гал е вистинскиот “рецепт” за (не)успех?

Иако потроши вртоглави 157 милиони фунти и доведе играчи како Фалкао и Ди Мариа, сепак менаџерот на Манчестер Јунајтед, Луи Ван Гал никако не успева да го стабилизира тимот и да започне да реди победи. Манчестер Јунајтед е повторно поразен, овојпат на гостувањето кај Лестер со 5:3. И во ред е да се загуби, им се случува на сите тимови… Но кога ќе потрошите толку пари, кога ќе доведете играчи од светски калибар, и кога тимот што го водите се вика Манчестер Јунајтед – вакви порази се недозволиви.

Луи Ван Гал и неговите избраници имаа водство во поголемиот дел од натпреварот, во 57. минута од натпреварот тоа гласеше 1:3 – а тогаш се тргна надолу. Фудбалерите на Лестер успеаа за само 21 минута, односно од 62-та до 83-та успеаа да постигнат дури 4 погодоци и да слават со убедливи 5:3. Еден гигант во англиски, европски и светски рамки каков што е Манчестер Јунајтед, не смее да си дозволи да прими 4 погодоци за 20-тина минути ниту од Барселона или Баерн Минхен, а не па од еден Лестер, кој со должна почит, сепак е нов премиерлигаш и е далеку од нивото на еден од најтрофејните клубови на Островот.

Кога лани во првите неколку кола, Дејвид Мојс стигна до само 7 бодови, медиумите жареа и палеа по него, со критики кои не би требало да бидат упатени и кон тренер кој со својот клуб паднал во понизок ранг на натпреварување, а не пак кон некој кој направил неколку кикса на почетокот на првенството. Но, беше што беше, Дејвид Мојс го доби според многумина, заслужениот отказ.

На чело на Јунајтед летово беше ангажиран еден од најреномираните тренери во светот, холандскиот стручњак Луи Ван Гал. А тој, веднаш започна со реконструкција на тимот. А таа реконструкција, барем на хартија, е и тоа како успешна – си заминаа играчи во поодминати години како Фердинанд, Видиќ, Евра, надежните Клеверли, Велбек, “Чичарито”… На нивно место дојдоа Фалкао, Ди Мариа, Херера, Блинд, Шо, Рохо… Кој од кој подобар.. Но дали овој потег беше погрешен? Дали, барем за момент, Ван Гал помисли дека со тоа што ги “отпушти” сите овие играчи, ја загуби и душата на тимот?

Играчи како Фердинанд и Видиќ, кои со години беа столбот на тимот, лидери на и вон теренот, десна рака на Сер Алекс Фергусон, играчи кои со својот карактер не дозволуваа нарушување на хармонијата во соблекувалната… Што е поинтересно, од речиси 160 милиони фунти, не беше потрошен ниту цент за достојна замена на централната дефанзивна позиција, па сега еден Манчестер Јунајтед во одбраната треба да се потпира на Еванс и Блекет… Или пак лесното откажување од Велбек, напаѓач кој не е на нивото на Фалкао, но е играч кој е долги години во Јунајтед, и кој ги има поминато сите кадетски и младински категории на овој тим… Фудбалерите како Велбек и Клеверли се душата на тимот, тоа се тие играчи кои знаат вистински да го сакаат клубот во кој се калеле како фудбалери, играчи на кои љубовта кон клубот им е нешто свето… Дали можеби Ван Гал премногу лесно го даде и Хавиер Хернандез (рака на срце на позајмица)? Фудбалер кој веќе 4 години беше на Олд Трафорд, тип на фудбалер кој секој поголем клуб мора да го има во своите редови, напаѓач кој во секој момент може да влезе од клупата за резерви и да постигне одлучувачки гол? Нешто како “златната замена” на Фергусон, Оле Гунар Солскјер, фудбалер кој безброј пати знаеше да влезе како замена и да постигне победоносен гол? Колку да го поткрепам ова што го пишувам, токму тоа го направи “Чичарито” викендов, влезе од клупата на Реал Мадрид и постигна 2 погодока. Сите овие играчи учествуваа во последните успеси на Фергусон како менаџер на Манчестер Јунајтед, и истите овие играчи освојуваа титули со него.

Јасно е дека најголемиот број фудбалери имаат кратки авантури во одреден клуб, 3,4,5 години, и дека доаѓа период кога секој фудбалер поради оваа или онаа причина повеќе не е потребен во одреден клуб, но прашањето е, како наеднаш толку многу играчи му засметаа на Ван Гал, што мораше во само еден преоден рок да се откаже од сите нив?

Дали можеби токму големата реконструкција во тимот, за која беа потрошени огромни средства, ќе се испостави дека е и најголемата грешка на Ван Гал? Дали ова пребрзо откажување од довчерашниот речиси цел стартен состав ќе му се удри од глава? Дали тоа што “црвените ѓаволи” останаа без вистински лидер на теренот ќе значи уште една сезона без Европа, што за таков гигант е незамисливо? Ќе оставиме времето да покаже, но ако се суди според онаа старата во која се вели “денот по утрото се познава”, црно му се пишува на Јунајтед сезонава.