Дали во Куманово денеска е измерена највисоката температура во историјата на Македонија, официјално рекордот е кај Демир Капија

Иако според Управата за хидрометеоролошки работи највисоките температури изнесуваат 42 степени целзиусови, а во Куманово од 38 до 39, сепак според фотографијата поставена на социјалните мрежи, термометарот поставен пред еден маркет во центарот на Куманово вчера означи рекорд, 52 степени целзиусови, објави локалниот портал Кумановски муабети.

Дали затоа што термометарот е на сонце или се расипал засега не е познато, но сигурно е оти утре следува пеколно претпладне, а попладне невреме.

Рекордот со највисока измерена температура досега во Македонија е постигнат на 24 јули 2007 година во Демир Kапија, кога се измерени 45,7 Целзиусови степени.

Рекордот за Скопје е во истиот тој ден, кога температурата се искачи до 43,4 степени. Оттогаш не е измерена повисока температура иако 2012 година беше најтопла година досега, кога и во зимата и во летото средните месечни температури беа највисоки откако се мери.

На 24 јули 2007 година се измерени досега највисоките температури во Македонија и оттогаш не се надминати. Температурите официјално ги мериме од 1948 година. Имало мерења и порано, но не сме сигурни колку се прецизни, велат од УХМР.