Дамјан Стојановски и следната сезона ќе биде “штрк”

Дамјан ја продолжи соработката со МЗТ Скопје за уште една сезона

Според менаџерот од агенцијата “Беобаскет”, Мишко Ражњатовиќ кој оваа информација утринава ја сподели преку својот профил на Твитер, Стојановски потпишал едногодишна обврска со тимот во кој настапуваше изминативе три сезони. Неговото останување беше можеби главна желба на управата на “металците” летово, нешто што беше остварено и тоа многу порано во однос на минатата сезона.

Дамјан е вториот македонски кошаркар кој го продолжи договорот со МЗТ Скопје во изминатиот период, по неговиот репрезентативен колега, Марко Симоновски. Од ланскиот тим, покрај неколкуте младинци, ќе биде и Данило Мијатовиќ, а нови засилувања засега се Марко Љубичиќ, Ѓорѓе Дреновац и Марко Луковиќ.

За репрезентативецот ова ќе биде сезона во која уште еднаш ќе треба да го потврди својот блескав потенцијал преку настапите во АБА-лигата и во домашните натпреварувања, откако пропушти речиси половина од натпреварите во минатиот шампионат поради повреда на предните вкрстени лигаменти во коленото. Тој досега има настапувано за Вардар Осигурување, Амак-СП и бугарски Лукоил Академик.