Дамјановски и Колароска македонски адути на „Мавровскиот меморијал“

Од денеска до недела на падините на Бистра ќе се одржи 51.то издание на „Мавровскиот меморијал“. Ова е една од најстарите спортски манифестации во Македонија, а оваа година има ранг на континентален куп. На крос кантри натпреварот ќе настапат околу 40 натпреварувачи кај мажите и 20 во женска конкуренција од девет држави (Македонија, Бугарија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Романија, Турција, Грција и Босна и Херцеговина). Македонија на ова натпреварување ќе ја преставуваат вкупно 16 репрезентативци, предводени од нашите олимпијци од Сочи, Дарко Дамјановски кај мажите и Марија Колароска кај жените.

„Условите на Бистра се добри за одржување на овој натпревар што се однесува до патеката и нејзината поставеност. Таа ќе биде долга 2,5 километри. Проблем ни претставува топлото време (топол ветер пред се), кое изминативе денови го топи снегот. Но, ние како организатори ќе се потрудиме на сите натпреварувачи да им овозможиме исти услови,“ истакна на денешната прес-конференција спортскиот директор Ѓоко Динески.

За во сабота е предвидено да се одржи натпревар на 5 километри кај жените и 10 километри кај мажите, додека за недела во двете конкуренции нордијците ќе трчаат на 5 километри.

Покровител на натпреварот е претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, а поддржано е и од Агенцијата за млади и спорт и од Скијачката федерација на Македонија