Дамјановски: Очекуваме институционално решавање на политичката криза

Претседателот на Институтот РесПублика од Скопје, Александар Дамјановски, во денешниот општествено – политички магазин на Радио Слободна Македонија „Концепт со Ина“ со авторката и водителката на емисијата, д-р Иванка Додовска разговараше за актуелните прашања кои се однесуваат на НВО активизмот во Република Македонија, како и за значењето и улогата на политиколошката професија.

Помеѓу другото, Додовска ја истакна важноста од афирмирањето на политиколозите кои своето образование го стекнале на политичките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

– Тоа е една од главните причини поради која и се одлучиле да го формираат Институтот во кој преку работењето на проекти и на интерактивни работилници имаат за цел да ги поддржат помладите колеги од политичките студии, како и да ја афирмираат во јавноста важноста на политиколошката професија, потенцираше Дамјановски.

Запрашан за мислење околу актуелната политичка криза во Република Македонија, Дамјановски изјави дека очекуваат институционално решавање на политичката криза во државата.

-Во интерес на фактите и доказите кои се поврзани со целата афера Пуч како и воопшто со целата парламентарна криза, очекуваме институционално решавање на истата, по што би имале многу појасен преглед за причините и последиците и тогаш многу поверодостојно би можеле да извлечеме заклучоци, посочи тој.