„Данас“: Српскиот премиер на 27 мај во официјална посета на Албанија

Српскиот премиер Александар Вучиќ на 27 мај ќе замине во официјална посета на Албанија, соопшти весникот „Данас“.

Тоа ќе биде првата официјална посета на српски претставник на највисоко ниво во историјата на односите на двете соседни земји, подвлече весникот.

Дури ни Јосип Броз Тито, за време на своето 35-годишно владеење со СФРЈ, никогаш не беше во официјална посета на Албанија.

Домаќин на српскиот премиер ќе му биде албанскиот колега Еди Рама, кој беше во Белград на 10 ноември минатата година, во првата официјална посета на еден албански претставник на највисоко ниво во последните 68 години, потсети весникот.

Пооследен пат пред тоа Енвер Хоџа, поранешниот долгогодишен албански претседател, ја посетил Србија во 1946 година како гостин на Тито. Тоа беше првата и единствена средба на највисоко ниво на тогашните државни раководители на Југославија и Албанија.

Советникот на албанскиот премиер, Шкељзен Маличи, по повод најавената посета, изјави дека премиерите Рама и Вучиќ „ трасираат важен крстопат на патот што ќе биде оска на мирот и стабилноста во регионот“.

Тој соопшти дека премиерите ќе разговараат за реализацијата на
инфраструктурни проекти, и конкретно за магистралниот пат Драч-Ниш.