Данев: Ако може Собранието да не го почитува законот, тогаш да одиме на предвремени парламентарни избори

Ова е еклатантен пример на типично самоволие на владејачкото мнозинство во работата на Собранието на Република Македонија на чело со колегата Талат Џафери, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев на денешната собраниска седница.

Данев од говорницата го прочита членот 8-а од изборниот законик каде стои дека „Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и Градот Скопје не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи“.

„И сега поексплицитно, имплицитно јасно и гласно: зарем треба уште тука да се надмудруваме. Не знам зошто го кршите законот во Република Македонија. Овој закон не се однесувал на Собранието, се однесувал на Владата. Законот се однесува и за Собранието и за Владата и за сите во Република Македонија. Најмногу ова Собрание треба да ги почитува законите што самото ги има донесено“, потенцираше Данев.

Порача да се престане со оваа пародија и да се оди на другите точки и битни работи коишто треба да се решаваат во интерес на граѓаните на Република Македонија и дека никој не бега од работа и ако треба ќе се работи и во август, септември и октомври но да се работи законски.

„Ако може Собранието да не го почитува законот и ако може господинот Талат Џафери да не го почитува законот, а гледаме дека може тогаш да одиме на нови предвремени избори, на предвремени парламентарни заедно со локалните. Ова е некоректно не кон нас како опозиција туку кон граѓаните на Република Македонија“, истакна Данев.