Данев до СДСМ: Се расфрлате со непотребни функции, a викате дека ќе се залагате за штедење

Скоро поминува една четвртина од мандатот на оваа власт, а ниту докторите ниту професорите, ниту пензионерите, ниту земјоделците, никој од нив не добија зголемување на своите приходи од владата на СДСМ, изјави пратеникот од  ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев на денешната седница на Собранието на Република Македонија

– На докторите им беа ветувани 100.000 денари плата, ги нема. На професорите исто така им се ветуваше зголемување на платите ги нема. На пензионерите им се ветуваше исто зголемување на пензиите, нема. На земјоделците им се ветуваше зголемување на субвенциите, сега јавно и гласно им се најавува намалување на субвенциите. А за странски инвестиции, тоа е мисловна именка во речникот на СДСМ, истакна  Данев.

Тој нагласи дека единствено што има како реформа број еден на оваа власт се зголемен број на потпретседатели на Собранието на Република Македонија и додаде дека граѓаните воопшто нема да имаат фајде од тоа што од два сега ќе има пет заменици, генерални секретари во Собранието.  Рече дека од тоа корист нема да имаат ниту земјоделците, ниту  пензионерите, ниту административците.

– За се што не обвинувавте изминатите 10 години дека не се грижиме за парите на граѓаните, сега со два потези влегувате во контрадикторност со вашите претходни ставови. Нема штедење на средства бидејќи и со два заменици во Собранието одлично функционираше. Не знам од каде ви е таа потреба да се расфрлате со непотребни функции во моменти кога се залагавте за еден буџет кој ќе биде намален, државата да штеди и ова ви е еден автогол кажано во спортски жаргон, потенцираше Данев.

На крај тој додаде дека власта треба поголема енергија да троши како да се подобри стандардот на граѓаните, како да се отворат нови работни места, да се донесат инвестиции кои ги нема бидејќи така ќе се намали невработеноста и сиромаштијата.