Данев со пратенички прашања за проектот „Македонија вработува 2“ и ефектите од ТИРЗ-овите!  

Во Собранието на Република Македонија започна 109-тата седница наменета за поставување на пратенички прашања до претставниците од извршната власт.

Деловничкото право да постави пратенички прашања на оваа седница го искористи и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев. Имено, тој постави три пратенички прашања, две до претседателот на Владата Емил Димитирев и едно до министерството за образование.

На почетокот Данев истакна дека овие прашања произлегуваат од потребите и барањата на граѓаните. Во врска со првото прашање кое се однесуваше на мегапроектот „Македонија вработува 2“, Данев истакна дека невработеноста сеуште е проблем на нашата држава и македонската економија, но сепак дека видливо е драстично намалување на невработеноста во Република Македонија од 38% на 24,5%. Во таа насока, Данев побара одговор од претседателот на Владата Димитриев за тоа колку вработувања се реализирани со цел намалување на невработеноста во Македонија преку најразличните програми за вработување, меѓу кои е и програмата за самовработување на лица до 29 години. Исто така, Данев побара одговор за тоа какви се досегашните ефекти односно резултати од новиот проект на Владата „Македонија вработува 2“ и какви се очекувањата од овој проект до неговото завршување?

Одговор на ова прашање доби од претседателот на Владата Димитриев, кој истакна дека генерално и најважниот резултат е тоа што во овој момент процентот на невработеност е на историското најниско ниво од 24,5% кој во 2006 година изнесуваше 38%. Значи огромен пад и тоа во услови на неколку кризи, светската економска криза, европската должничка криза, но и последната наша политичка криза. На намалувањето на бројот на невработени се влијаеше најмногу преку два механизми, а тоа се привлекувањето на странски инвестиции и преку мерките кои што ги носеше Владата на Република Македонија.  Најголем број на вработувања се направени преку оперативниот план за вработување на Владата преку кои се вработија 62.906 граѓани на нашата држава. Подетално, тој истакна дека од тие 62.906 вработни лица, 39 илјади се вработени преку мерките од оперативниот план, 19 илјади преку проектот Македонија вработува, а околу 7000 лица преку мерките за вработување на млади лица до 29 години. Поради позитивните ефекти од проектот Македонија вработува, Владата донесе одлука овој проект да продолжи односно од 28 јуни да стартува проектот Македонија вработува 2.

И второто прашање исто така беше упатено до Владата на Република Македонија во врска со Техонолошко-индустриските развојни зони и ефектите од инвестициите во тие зони. Данев истакна дека секојдневното промовирање и почекот на градба на нови компании кои отвораат свои капацитети во овие зони, тој праша колку ТИРЗ-ови функционираат во овој момент во нашата држава, колку капацитети веќе работат во нив и колку компании се во тек на градба во овие зони бидејќи токму тие компании како што рече тој, биле можност за вработување? Исто така, Данев побара одговор и се интересираше и за тоа колку е извозот од овие зони?

Претседателот на Владата во врска со ова прашање истакна дека во овој момент во Македонија функционираа 5 ТИРЗ-ови, во завршна фаза се уште 2 зони, а во план за отворање биле и уште 3 зони. Во петте зони кои функционираат, досега се отворени 24 копмании од кои 15 вќе целосно се функционални, а останатите се во подготовка за старт на своите производствени капацитети. Во врска со извозот од овие зони, тој истакна дека во 2015 година извозот бил 1,17 милијарди евра, а во првите 6 месеци од оваа година тој изнесува 850 милиони евра односно зголемување за 21% за истиот период минатата година, додаде Димитриев.

Последното прашање беше упатено до Министерството за образование во врска со изградба на старо-новото училиште „Димитар Македонски“ во населба Лисиче, Општина Аеродром.

На ова прашање одговор даде заменик – министерот за образование Ристовски кој истакна дека е направена анализа и дека тој објект неможе да се реновира и затоа ќе мора да се изгради комплетно ново училиште и за тоа е распишан повик за избор на компанија која ќе го изготви идејното решение за ова училиште. Нашите очекувања се дека до крајот на оваа календарска година ќе започнеме со градба на ова основно училиште, заврши заменик-министерот Спиро Ристовски.