Данев: СДСМ ја презадолжија државата без да реализираат капитален проект

За само една година СДСМ успеаја да ја презадолжат државата, и тоа без притоа да реализираат ниеден капитален проект или инвестиција или, пак, да направат што и да е корисно за граѓаните, истакна во петокот Драган Данев на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

Данев потстети дека според Министерството за финансии бројките велат дека државниот долг на крајот на 2017 година изнесувал безмалку четири милијарди евра или, она што е најважно, како што посочи пред новинарите, е зголемен за стотина милиони, поточно 107 милиони евра во однос на претходната 2016 година и оти само со новите 100-ина милиони задолжувања можело да се изградат 50-ина училишта, 50-ина детски градинки и три студентски дома или, пак, неколку клиники во неколку градови.

„Јавниот долг, пак, според бројките на министерството на крајот на 2017 година изнесува ни помалку ни повеќе туку 4 милијарди 769 милиони евра, кој исто така е зголемен од страна на СДСМ во однос на 2016. Да, токму од СДСМ кои велеа дека државата е презадолжена и дека е на работ на банкротот, а сега СДСМ ги презадолжува граѓаните. Да потенцираме дека во овие пресметки на МФ не се вкалкулирани евро-обврзницата од половина милијарда евра и двете задолжувања од околу 100-тина милиони евра, вкупно над 600 милиони евра, со што вкупно СДСМ за само 7 месеци ја задолжи државата над 750 милиони евра и веќе оди накај милијарда. До крајот на 2018 вкупното задолжување од страна на СДСМ ќе изнесува над 1 милијарда, со што уште веднаш го вклучува алармот дека оваа неспособна влада ни ја води државата кон пропаст“, рече Данев.

Според него, досега со над 750 милиони евра задолжување нема ниту еден капитален проект или инвестиција, ниту еден проект во образованието, армијата, полицијата или кој и да е друг сегмент во државата.

„Се фалат со проекти реализирани од ВМРО-ДПМНЕ или минорни донации од други држави. Жално, но реално. Неспособноста на СДСМ и личниот апетит за луксузирање ја донесе државата и граѓаните за само осум месеци на работ на бездната“, рече Данев.

Никој во држава, потенцираше Данев, не го почувствува животот.

„Животот го почувствуваа криминалците и функционерите на СДСМ. На граѓаните воопшто не им е подобро, а државата не ни оди напред. Реалноста во нашата држава е тажна. Жално е што граѓаните како и секој пат, повторно се изиграни, излажани и изманипулирани од страна на СДСМ“, заклучи пратеникот на опозициска ВМРО-ДПМНЕ.