Данев: СДСМ започна со спроведување на планот за целосно партизирање на државата

Премиерот Зоран Заев и неговата партија СДСМ бесрамно го спроведуваат планот да ја направат партијата држава, а државата партија, па започнаа со партиските чистки и политичкиот прогон на неистомислениците, нивно бркање и смена од работни места, рече во понеделникот на прес-конференција Драган Данев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека сано во еден ден се сменети 1.500 членови на управни и надзорни одбори и ја парализираа државата.

„Но Фондот за здравство сѐ уште не може да носи одлуки за лекување на болни осигуреници во странство поради ваквиот дилетантски однос на антиреформаторската влада“, посочи Данев.

Тоа е ситуација, како што укажа претеникот на ВМРО-ДПМНЕ, создадена со бркањето од работните позиции на успешни директори на институциите, само затоа што не одработувале за интересите на Заев и СДСМ и затоа што над нив „новиот режим нема контрола“.

„На нивните места Заев и СДС ставаат партиски војници по принципот по кој најавија дека ќе вработат ‘од чистачка до директор’ ќе може да се вработуваат само луѓе со членска книшка на СДС која ќе биде втора лична карта во Македонија. Ова го најавија и Заев и неговите пратеници“, потсети Данев на изјавите на Заев и пратеникот Курто Дудуш пред партиското членство на СДСМ.

Данев посочи и дека покрај „партиските војници“ се вработуваат и децата на коалициоските партнери, комичари, поети и самонаречени експерти кои со години одработувале за СДСМ изигрувајжи во јавноста дека се ткн „граѓански коректив на власта“.

„И сиве овие вработувања на партиски војници од СДС, сите до едно, ќе ги плаќаат граѓаните на Република Македонија со стотици милиони денари од Буџетот. Стотици милиони денари од буџетот секоја година наместо да се трошат за нови училишта, за болници и градинки, Заев ќе ги троши за вработувања на партиски војници и профитери од граѓанскиот сектор“, укажа Данев.

Рече и дека наместо ветените 500 евра плата за сите граѓани, Заев ќе ги плаќа само луѓето на кои им должи услуга и кои со години ги манипулирале граѓаните во негова полза.

„Народот не е должен да ги плаќа извршителите, војниците и послушниците на Заев кои се дел од планот државата да се претвори во партија, а партијата во држава“, заклучи Данев.