Данев: Стапката на придонеси не смее да се зголемува, нови трошоци за бизнисот не смее да има

Зголемувањето на старосната граница за пензионирање и стапката на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, која беше најавена од страна на Зоран Заев е удар врз економијата, работодавачите и работниците, реагираше во петокот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ ветуваше помали даноци и давачки од опозиција, за сега од позиција на власта го прави спротивното. Зголемувањето на старосната граница за пензионирање ќе го забави економскиот раст, ќе влијае на зголемување на невработеноста и ќе предизвика зголемување на стапката на младинска невработеност. Постојаната старосна граница е во рамките на просекот на европските земји и целосно одговара на демографските карактеристики на работна сила во Република Македонија“, рече Данев. тој.

Порача дека ВМРО-ДПМНЕ ги подржува и јавно искажаните ставови на синдикатите и организациите на работодавачите за не зголемување на старосната граница на пензионирање.

„Целосно неиздржани се и предлозите за зголемување на стапката на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, тоа ќе предизвика застој во отворање на нови работни места и пад на платата на веќе вработените. Ниската стапка на придонеси за ПИО е мерка на ВМРО-ДПМНЕ, која помогна за отворање нови работни места и намалување на невработеноста. ВМРО-ДПМНЕ со цел намалување на трошоците за бизнисот и стимулирање на вработувањата ја намали стапката за придонеси од 21.2 отсто во време на СДСМ на 18 отсто, заради енормно високата стапка на невработеност од 39 отсто, која владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година ја наследи од СДСМ, а со помош на квалитетните економски мерки, меѓу кои и намалувањето на стапката на придонеси за ПИО ја сведе на 22.1 проценти. Стапката на придонеси не смее да се зголемува. Нови трошоци за бизнисот не смее да има. Државата не смее да биде пречка за бизнисот“, заклучи Данев.