Данев: ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува обидот за заплашување и хајката што по политички налог се водат против недолжни граѓани

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува обидот за заплашување и хајката која по политички налог се води против недолжни граѓани кои се приведуваат и им се врши огромен притисок од страна на одредени институции. Единствен грев на овие граѓани е тоа што си ја бранеа државата и националните интереси и се противеа на реализирањето на Тиранската платформа, истакна во средата на прес-конференција Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека сé поголем број граѓани јавно кажуваат дека врз нив се врши прогон без никаква основа.

„Недозволиво е полицијата да приведува лица кои не сториле никакво кривично дело, им се подметнуваат пријави, а некои се повикуваат дури и за вербален деликт. Дел од лицата, според информациите со коишто располагаме добиле притвор без елементарен доказ. Ова е срамно и одмаздничко однесување кон сопствениот народ и заслужува најостра осуда. Одговорност пред граѓаните има и министерот во МВР, Нухиу, кој не смее да врши притисок врз вработените спротивно на процедурите и законот да малтретираат и приведуваат луѓе, недолжни граѓани, бидејќи секој, па и службено лице кои го кршат законот одговараат за своите постапки“, рече Данев.

Порача дека институциите „мора да се свесни“ дека тоа што одредени граѓани влегле во Собранието револтирани од нелегалниот обид за избор на претседател на Собрание, од кршењето на Уставот, Деловникот и од, како што оцени, антидржавните провокации на СДСМ, не може да биде оквалификувано како кривично дело.

Данев ги повика овие институции да ги запазат основните принципи на правната држава во кои се гледаат исклучиво фактите и доказите, а не нечии партиски или политички ставови.

Притоа порача дека ќе се бара најголема одговорност, доколку се докаже дека макар и едно лице било приведено без докази.

„Законот важи за сите и недозволиво е институциите да имаат двојни стандарди, односно за некого без докази да му се ставаат на товар измислени кривични дела, додека во време на траењето на ткн шарена платеничка револуција и насилството кое таа го продуцираше, во која беа напаѓани и полицијаци, да не се постапува ни приближно по истите аршини“, истакна Данев.

Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат институциите наместо да ги прогонуваат граѓаните, да реагираат на кршењето на највисоките правни акти од државата од страна на СДСМ и нејзиното криминално раководство.

 

„Токму криминалецот Заев е тој кој го испровоцира гневот на граѓаните со своите нелегални и антидржавни дејствувања и два месеца ги провицираше граѓаните кои мирно протестираа. СДС е партија која е одговорна за револтот на граѓаните, бидејќи изборно ги измами своите граѓани, прифати Тиранска Платформа која го руши унитарниот карактер на државата, ги прекрши сите законски и деловнички процедури, ги навредуваше, провоцираше и омаловажуваше граѓаните кои мирно протестираа и на крајот ја прекрши нивната волја отпочнувајќи реализација на самата Тиранска платформа“, додаде Данев.

Порача, на крајот, дека раководството на СДСМ за своите постапки и кривично и морално и политички ќе одговара, а во прв ред пред граѓаните со кои, како што посочи Данев, упорно бега да се соочи.