Даниел Георгиевски потпиша со Мелбурн Виктори

Македонскиот репрезентативец Даниел Георгиевски потпиша едногодишен договор со австралискиот прволигаш, Мелбурн Виктори.

26-годишниот Георгиевски по седум години на европскиот континент, всушност повторно се враќа во земјата каде е роден и од каде фудбалски стартуваше, но овој пат во најсилното натпреварување. Нашиот деснокрилен дефанзивец, како што е познато, изминативе две години ги мина во романската Стеауа, но откако се раздели со клубот сега се одлучи една години да мине во еден од најсилните австралиски клубови.

Даниел Георгиевски, кој претходно во својата кариера има настапи и за хрватските Меѓимурје и Шибеник, во дресот на македонската репрезентација има 20 натпревари.

Мелбурн Виктори минатата сезона во австралискиот шампионат го освои четвртото место, а сезонава е со амбиции за атак и на шампионската титула.