Даниел Кајмакоски ја почна промотивната евровизиска турнеја

Даниел Кајмакоски, кој оваа година ќе ја претставува нашата земја на Евровизија, со гостување во Албанија ја започна својата промотивна евровизиска турнеја во организација на МРТ.

Лобирањето започна од Тирана, кадешто на покана на националната Албанската Радио Телевизија, Даниел Кајмакоски беше гостин во Дневникот на АРТВ, а имаше и повеќе интервјуа за радио и телевизиски емисии за албанскиот национален сервис.

Претставникот на Македонската евровизиска делегација, Авни Ќаили вели дека Даниел Кајмакоски бил пречекан со голем интерес и од пишаните медиуми, како Шекули, Газета Шкиптаре…

Во текот на вчерашниот ден Даниел со својот тим престојуваше во Белград, на заедничко дружење со фановите и медиумите од Србија, организирано од страна на ОГАЕ Србија. Во централниот хол на шопинг центарот „Ушче“ Даниел Кајмакоски се сретна со претставниците на Србија, Црна Гора, а на средбата присуствуваше и претставникот на Молдавија, Едуард Романиута, кој оваа година ќе го отвори Првото евровизиско полуфинале.

Овој викенд Даниел Кајмакоски ќе престојува во Амстердам, Холандија, каде што се одржува најголемиот промотивен настан по повод Евровизија, Eurovision in concert. Дваесет и четири евровизиски претставници ќе земат учество на концертот кој ќе се одржи во салата Мелквек на 18-ти април, кадешто и Даниел Кајмакоски ќе настапи пред бројните фанови и евровизиски медиуми и ќе ја претстави во живо „Autumn Leaves“.

Напорната агенда продолжува за Келн и Брисел, каде Кајмакоски ќе има гостувања во радио емисии.

– Оваа година навистина се потрудивме да бидеме присутни на што повеќе промотивни настапи, па Даниел Кајмакоски ќе биде гостин и на гала забава во Москва, Русија, каде на 24-ти април ќе настапи со евровизиската „Autumn Leaves″ во концертната сала „Корстон“ пред 1.000 гости, вели Мери Попова, шеф на Македонска евровизиска делегација.

Настанот ќе биде проследен не само од најзначајните руски, туку и медиуми од Белорусија и Азербејџан, па ова е исклучителна можност Даниел Кајмакоски и нашата евровизиска песна да бидат забележани од што повеќе публика, додава Попова.

Интерес за Даниел Кајмакоски има и во Виена, па нашиот евровизиски претставник е поканет да биде специјален гостин и во емисија на Австриската национална телевизија.