Даниел Кајмакоски ќе го отвори големиот концерт на финалистите од „X Фактор“

Даниел Кајмакоски ќе го отвори сензационалниот концерт на финалистите на „X Фактор“, кој ќе се одржи на 7 –  ми јуни во арената „Борис Трајковски“.

Финалистите на „Х Фактор“ се веќе подготвени за првата средба со своите македонски фанови, а концертот е со почеток во 21:00 часот.  Освен што е планирано тие да настапат со своите изведби од емисиите во живо на „Х Фактор“, дел од нив ќе ги презентираат и своите нови песни и преработки.

„На концертот во Скопје, голема чест е за мене што како домаќин ќе можам да ги угостам сите тие талентирани млади луѓе. Ние бевме и во Босна, во Бања Лука и атмосферата секаде беше одлична, но сигурен сум и убеден дека во Скопје во сабота ќе биде феноменално“ – изјави Даниел Кајмакоски.

Во контекст на последните шпекулации во медиумите за соработката на Даниел со „МБК“ продукција, тој додава: „Сето тоа не е точно. Излегоа муабети дека не сум ги добил наградите или дека нешто не е во ред со продукцијата, навистина тука не можам да ви дадам некој одговор, бидејќи и сами можете да видите дека автомобилот од наградата е тука, а паричната награда ќе ми биде доделена пред концертот во Скопје во сабота. За сè друго можам само најдобро да зборувам за нас како финалисти и за МБК продукција. Јас сум исклучително благодарен што имав можност да го доживеам сè ова што ми се случи со учеството и победата на Х Фактор. Продукцијата беше професионална и коректна кон мене за целото време, а нејзините обврски кон мене на најдобар начин завршуваат со концертот во Скопје, по што се надевам дека мојата кариера ќе продолжи и понатаму со нови успеси.“

Покрај Даниел Кајмакоски, изведувачите кои ќе ги видиме на големиот концерт во Скопје се артистите кои се пласираа во 12те финалисти на „Х Фактор Адриа“ какоМладен Лукиќ, Маја Новаковиќ, Александра Брковиќ, Тамара Милановиќ, Алекса Перовиќ, Маид Хеќимовиќ, Харис Ќато, Лукијан Ивановиќ, дуото „H2O“ сочинето од Фифи и Маринела, како и бендовите „Доктори“ и „4U“.

Концертниот спектакл кој нè очекува во сабота ќе трае најмалку 120 минути.