Даниел Сервер: СДСМ треба да покаже аргументи за непризнавање на изборите

Во реакција по изборите во Македонија, американскиот аналитичар Даниел Сервер оценува дека изборите им донеле решавачки мандат на победничките партии и додава дека опозицијата не може да ги оспори изборите само затоа што ги загубила.

„Резултатите покажуваат решавачко мнозинство, како за ВМРО-ДПМНЕ, така и за ДУИ и што друго да се каже, добро е што имавте солидни избори и добивте јасен резултат. Двете партии добија гласови колку што можеа да се надеваат дека ќе добијат, не можеа ниту да се надеваат на посилна изборна база од оваа што ја имаат сега, вели Сервер, професор на универзитетот Џонс Хопкинс и поранешен американски дипломатски пратеник на Балканот.

Сервер смета дека извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ не дава аргументи за непризнавање на изборите.

„СДСМ ќе мораат да покажат некакви докази дека имало измама ако сакаат да ги оспорат резултатите од гласањето. Јас не сум видел никакви докази за тоа. ОБСЕ рече дека изборите биле ефикасни и регуларни, што не е лоша оценка. Мислам дека опозицијата треба да покаже дека нешто друго не било во ред со изборите, освен фактот дека тие загубија“, вели Сервер. Тој оценува дека партија која освоила eдвај повеќе од четвртина од гласовите во Собранието не е во состојба да предизвика политичка криза во земјата.