Данкан: Ќе ја напуштиме ЕУ, но не и Европа

Ален Данкан, британскиот државен министер за Европа и за Америка во рамките на својата балканска турнеја утре ќе допатува во дводневна посета на Македонија. Во официјалната најава за посетата се вели Данкан ќе ја потврди посветеноста на Велика Британија за безбедноста, стабилноста, просперитетот и развојот на Западен Балкан и по излегувањето на неговата земја од ЕУ.

Данкан по Црна Гора, во Македонија доаѓа со пораката за конструктивно решавање на политичката криза и за побрзи реформи. Британскиот министер ќе се сретне со претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, со  лидерите на парламентарните политичките партии, специјалната обвинителка Катица Јанева, претставници на институциите, како и со организации од граѓанскиот сектор.

Пред неговото доаѓање, Данкан изјави дека Западниот Балкан е клучен регион за Британија. „Посветени сме да имаме активна улога како поддржувач. Особено ми е драго што мојата посета се надоврзува преку унапредување на можноститте за идна соработка во областа на безбедноста, просперитетот и реформите. Ние сме долгогодишен поддржувач на Македонија и Црна Гора на нивниот пат кон членство во ЕУ и НАТО, за што е потребно значаен напредок во реформите на двете земји. Се разбира, предизвиците се тука и многу би сакал да слушнам од политичарите и граѓанскиот сектор со цел подобро да разбереме како Обединетото Кралство може да ги поддржи двете земји да бидат стабилни и просперитетни.“

На својот блог, пред неговата балканска турнеха Данкан напиша:

„Откако Обединетото Кралство изгласа да ја напушти Европската Унија, често добивам едно исто прашање од луѓето кои ги среќавам надвор од земјата: Што значи ова за мојата земја? Мојот одговор е секогаш ист – Британија ќе ја напушти Европската Унија, но ние не ја напуштаме Европа.

Сакам оваа порака да ја донесам на мојата прва посета на Македонија. Нашата посветеност кон Западниот Балкан е цврста. Секретарот за надворешни работи јасно го порача ова за време на неговата неодамнешна посета на регионот, исто како и премиерката во нејзиниот говор за глобална Британија. Сега сум овде да ја потврдам таа посветеност.

Знам дека мојата посета доаѓа во особено клучен момент во македонската политика,  кога вашите партии работат на составување влада. Знам дека вашите неодамнешни избори беа без јасно решение. Во ниту еден случај Британија нема да се меша во она што се ваши внатрешни прашања, не наши. Доаѓам во Македонија за да ги ислушам лидерите на сите ваши политички партии и да испратам една јасна и едноставна порака: Обединетото Кралство е голем пријател на Македонија и ќе продолжиме да ја поддржуваме секоја влада на Македонија која ќе работи на битни реформи.

Секоја земја е различна. Граѓаните на Македонија одлучуваат за политиките и постапките на македонската Влада. Нам ни е битно нашите две земји да ги споделуваат демократските вредности и ќе продолжиме да ја поддржуваме Македонија за да биде стабилен, безбеден и просперитетен партнер. Вие го избравте членството во ЕУ и НАТО како најдобар стратешки пат за земјата и сум многу согласен со тој избор. Патот за членство во ЕУ и НАТО е основа за стабилноста, безбедноста и просперитетот на Македонија.

За надминувањето на пречките за членство ќе треба одлучност, политичка решеност и несомнено некои многу тешки одлуки. Политичарите во Македонија ќе треба да ги надминат разликите кои ја создадоа сегашната политичка криза и да се посветат на демократијата и потребните реформи за да ја повлечат земјата кон напредок. Реформите се битни за да се отворат работни места и просперитет.

Демократијата не може да постои без транспарентност, а таквата отвореност не е со цел да биде закана или омаловажување за политичарите и јавните функционери. Напротив, таа ни помага да го претставуваме нашиот народ. Исто така важи дека не може да ги прифатите демократските вредности без активно и динамично граѓанско општество и судски систем независен од политичко влијание.

Со нетрпение очекувам да ги слушнам ставовите на политичките лидери и граѓанскиот сектор за време на мојата посета. Се надевам дека ќе бидат искрени за предизвиците кои ги имаат и убеден сум дека ќе имаме отворени, позитивни разговори за тоа што можеме да направиме заедно за да ги надминеме предизвиците.

Знам дека можам да се сретнам само со еден мал дел од општеството за време на мојата посета. Затоа ве замолувам да ги споделите вашите мисли со мене и да ми помогнете да разберам повеќе. Кажете ми како би ја опишале вашата земја денес – и што би промениле доколку можете“, напиша Сер Алан Данкан, министер за Европа и Америка во Министерството за надворешни работи и Комонвелт на Обединетото Кралство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.