Данска подобра од Македонија на стартот од ЕП

Македонската ракометна репрезентација е поразена во првиот натпревар на Европското првенство во Данска. Црвено – жолтите во првиот натпревар од А – група се поразени од домаќинот Данска со 29:21 (12:8)

Избраниците на селекторот Ивица Обрван, лошо го почнаа натпреварот и му дозволија на противникот да поведе со 5:0. Македонија првиот гол го постигна во 9 минута од пенал, а стрелец беше капитенот Кире Лазаров. Во продолжението од натпреварот иако имавме светли моменти не успеавме да го израмниме, ниту пак да го преземеме водството.

Данците знаеа како да ги искористат сите наши грешки, постигнаа шест гола со играч помалку, а пет пати ја затресоа мрежата на Борко Ристовски од контра напади.

“Би сакал да им честитам на Данците за заслужената победа, ние во некои сегменти не бевме на посакуваното ниво. Не сме разочарани поради поразот бидејќи не е срамота да се загуби од Данска, особено на гостински терен. со погледите веќе се вртиме кон следните натпревари. Мораме да поправиме доста работи, промашивме многу зицери, имавме лоша реализација кога имавме ракометар повеќе на теренот. Имавме можност поразот да биде попристоен, особено бидејќи го имавме одличниот Борко Ристовски на голот, но многу е важно што поскоро ова да го оставиме зад себе и да се фокусираме на дуелот против Чешка“ , изјави Обрван.

Најефикасен во македонскиот тим беше Лазаров со 7 голов, а на голот блескаше Борко Ристовски со 12 одбрани и три седмерци. Тој беше прогласен и за играч на натпреварот во македонскиот тим.

Кај Данска најефикасен беа Линдберг и Мортесен со по пет голови, а голманот Ландин ја спушти ролетната на голот и нанижа 17 одбрани.

Во првиот натпревар од нашата група Австрија ја совлада Чешка со 30:20.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.