Данска прегазена: Македонија остана во трка за прво место во групата

Македонската кошаркарска репрезентација очекувано ја победи Данска со 80-46 и теоретски остана во трка со Белгија за првото место во групата, кое освен пласман на ЕП носи и поповолен пласман во шеширите за ждрепката на Евробаскетот во 2015 година.

Откако Белгија ја згази Белорусија со 26 разлика, Македонија одговори уште поубедливо со триумф од 34 разлика, па сега на едно коло до крајот, Белгијците имаат позитивна разлика од плус 61 поен, а Македонија од +51, што значи дека на Македонија теоретски и треба 10 поени поголема победа од таа на Белгија. Сепак, Белгијците остануваат фаворити за првото место поради фактот дека тие сега против Данска ќе бркаат разлика за прво место, исто како и Македонија против Белорусите.

Македонија во ниту еден момент вечерва во спортскиот центар „Борис Трајковски“ не го доведе во прашње триумфот над аутсајдерот. Данска само до половина од првата четвртина имаше сила да се држи со избраниците на Александар Џикиќ. Последен пат со израмнувањето на 11-11, по што нивната сила беше скршена.

Македонија направи серија од 8-0 (19-11) и таа предност не ја испушти до крајот. На стартот на вториот дел првпат направија двоцифрена предност, 11 поени предност (24-13) , по што постојано се движеа околу двоцифрената предност. Данците најмногу што успеваа е истата да ја спуштат на минус седум поени.

На неполни три минути до крајот по тројката на Дарко Соколов стигнавме прво на плус 13 (39-26), па и на 14 поени предност (41-27). Но, на пауза заминавме со 12 поени разлика. Во третата четвртина, Данска подобро тргна, па повторно успеа да намали на минус седум поени (45-38), но само за да ги разбуди избраниците на селекторот Александар Џикиќ, кои го завршија третиот период со плус 14 поени (54-40).

Кошаркарите во последниот период само рутиснки го одработија за да го забележат четвртиот триумф во овие квалификации. Со серијата од 17-2 на почетокот на последниот период, Макеоднија стигна и до убедливи 29 поени разлика (71-42). До крајот, Македонија само ја наполни Данска за убедливите 34 поени разлика.

Најдобри поединци на вечерашниот меч беа Хендрикс со 15 поени, од кои 13 во првиот дел без промашување дотогаш, со 12 скока, што е негов втор дабл-дабл по гостувањето во Белгија, како и Дамјан Стојановски, Бојан Трајковски и Марко Симоновски со по 10 поени. Кај Данците, бергштед даде 16 поени, единствен со двоцифрен учинок.

Последниот меч со Белорусија го играме во среда од 20.30 часот во спортсиот центар „Борис Трајковски“.

Sportmedia.mk