Македонија

Дарко Митревски го стопира филмскиот проект „Аферата Мис Стон“

Дарко Митревски го стопира филмскиот проект „Аферата Мис Стон“

Режисерот Дарко Митревски соопшти дека го стопира играниот филмски проект „Аферата Мис Стон“ кој требаше да се реализира во соработка со американската продуцентка Санмин Парк. Во отворено писмо до директорот на Агенцијата за филм Дарко Башески и до медиумите Митревски пишува дека и самиот неотповикливо се повлекува од македонската филмска сцена се додека Башески е дел од неа.

Според Митревски, директорот го саботира неговиот проект и, иако Агенцијата за филм пред две години за него одобрила средства, Башески правел се што е во негова моќ филмот да не биде снимен и затоа исплатата се уште не почнала.

Меѓу другото, режисерот на „Бал-кан-кан“ и „Трето полувреме“ прашува зошто на повеќето домашни продуценти Агенцијата за филм им поставува речиси неостварливи услови за соработка и потоа, како што вели, спроведува инквизициски мерки на контрола, а на мал број други „им прогледува низ прсти за евидентни кршења на базичните регулативи?“

Македонскиот режисер кој живе во Лос Анџелес посочува дека „Аферата Мис Стон“ ќе била прва американско-македонска копродукција, во која заедно со познати холивудски имиња рамноправно ќе учествувале и македонски актери.