недела, 23 јули 2017  |  Вести денес: 1

Дарко најверојатно намерно слетал со автомобилот во езерото Калиманци

Последни вести

Нуркачи од Единицата за специјални задачи „Тигар“, завчера околу 17.45 часот ги пронајдоа возилото „форд фиеста“ и телото на Дарко Стоиловски (41) во водите на езерото Kалиманци, еден ден откако неговата сопруга Тања (31) беше пронајдена удавена во близина на местото викано Рибнички мост крај Македонска Kаменица. Со ова не е решена мистеријата за целиот случај, пишува „Дневник“.

Непознато е дали брачниот пар доживеал несреќа иако немало видливи траги од такво нешто, дали станува збор за самоубиство или можеби Дарко намерно слетал со „фордот“ во езерото, а сопругата безуспешно се обидувала да се спаси. Она што е симптоматично во целиот случај е информацијата дека мајката на Тања ја чула ќерка си како вреска по телефон, па одлучила да се јави во полиција стравувајќи дека нешто трагично се случило со нејзината ќерка. Претпоставка е дека ова се случило во мигот на трагедијата.

Мајката во полиција пријавила дека сопружниците имале жестока кавга, па можеби целата трагедија се случила поради тоа. Од информациите што може да се добијат се знае дека телото на Дарко Стоиловски било пронајдено на возачкото седиште во потонатиот автомобил.

– По с` изгледа тој не се обидувал да излезе и да се спаси во последен момент, а фактот дека неговата сопруга била надвор од возилото, можеби укажува на тоа дека жената во последен момент се обидувала да се спаси од давење. Сепак сето тоа е во рамки на шпекулациите,  коментираат неофицијално полициски експерти.

Официјалните информации за случајот се оскудни, па затоа во недостиг од детални информации кружат многу шпекулации.

darko tanja

– Нуркачкото одделение од ЕСЗ во присуство на Јавен обвинител и увидна екипа од Делчево од водите на браната Kалиманци го извадија возилото „форд фиеста“ со штипски регистарски ознаки. Притоа на возачкото седиште било безживотното тело на Д.С. (41) од Македонска Kаменица. Kонстатирано е дека причина за смртта е давење во вода – велат од МВР, од каде што додаваат дека по наредба на јавен обвинител телото на починатиот му е предадено на семејството за погреб.

Од друга страна, на телото на Тања имало видливи траги од повреди, можеби добиени пред да се случи трагедијата. Една од претпоставките е дека можеби таа била онесвестена кога автомобилот паднал во водата. Сепак сето тоа е во рамките на шпекулациите.

Шпекулации вчера и завчера можеа да се чујат и за тоа дали сопружниците имале толку голема кавга што одлучиле и да го окончаат својот брак, па можеби тоа било фитиљот што ја предизвикал трагедијата.

Она што укажува на тоа дека можеби возилото намерно паднало во езерото е фактот дека на местото никаде немало видливи траги од несреќа, траги од кочење или слично. Сосема спротивно, возилото скршнало од патот од Македонска Kаменица кој Делчево и стотина метри се движело по земјен пат. Тоа укажува дека Дарко најверојатно имал намера да го стори тоа.

– На 3 август во 12.10 часот Л.Р. телефонски пријавила дека нејзината ќерка и зетот имале брачни недоразбирања и со автомобил „форд фиеста“ со штипски регистарски ознаки се упатиле кон Делчево. Истата слушнала вресок од ќерка си и поради тоа се сомневала дека нешто се случило – велат од полицијата.

Стравувањето се покажало оправдано, па по неколку часа откако се јавила во полицијата било пронајдено телото на Тања во водите на езерото Kалиманци. Инаку Дарко бил долгогодишен работник, кој работел како рудар во рудникот „Саса“, а сопругата била домаќинка. Дарко е со потекло од каменичкото село Дулица, каде што живеел неговиот татко. Двајцата имаат две малолетни ќерки. Роднините и пријателите велат дека немале несогласувања и оти биле добри и мирни луѓе.

Целата вистина за случајот најверојатно ќе остане непозната со оглед на тоа дека истражните органи ќе го затворат настанот оти сметаат дека нема елементи на кривично дело.

– При увидот на самото место од страна на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Делчево беше констатирано дека кај пронајденото тело на мажот во водите на акумулацијата Kалиманци не се пронајдени траги на насилство. Со оглед на трагичниот исход од целиот настан, нема елементи на кривично дело, кои би оправдале поведување истражна постапка во случајот – велат од Обвинителството.

Најчитани вести