Даути до Геровски: Нема извинување за оние кои следеле, давале информации за други лица и си поигрувале со нивните судбини

Даут Даути одговори на Фајсбук статусот на Бранко Геровски, објавен во Плусинфо.

geroski

Во продолжение го пренесуваме целиот текст:

Сакав да те послушам „како постар колега“, но Ти знаеш дека бевме иста генерација во Интердисциплинарни студии по новинарство, па такво туторство од постар го избегнувам, туку твојот совет ќе го третирам како добронамерeн, како од колега со кого многу пати ни се испреплетиле патиштата од студии, до демократските промени во општеството, револуцијата на медимскиот простор, до плодната взаемна соработка преку „Дневник“ до педагошката работа со млади студенти преку МИМ…

Еве, бидејќи советот го земам како добронамерен, така и ќе постапам, и затоа:

ЈАВНО ИМ СЕ ИЗВИНУВАМ НА ОНИЕ ЗА КОИ СУМ ГЛАСАЛ „ЗА“ НИВНО ЛУСТРИРАЊЕ АКО ВО НИВНИТЕ ДОСИЕЈА НЕМАЛЕ ЕЛЕМЕНТИ И ФАКТИ ЗА НИВНАТА СОРАБОТКА СО ТАЈНИТЕ СЛУЖБИ И ЗА СЛЕДЕЊЕ НА НЕИСТОМИСЛЕНИЦИ ОД ИДЕОЛОШКИ ПРИЧИНИ!

Пази, да не се замајаваш повторно, реченицата е условна „АКО НЕМАЛО…“. Но секако, НЕМА извинување АКО ИМАЛО за оние кои извршувале задачи за да следат други лица, кои давале информации за други лица и со тоа си поигрувале со нивните судбини, нема извинување ниту за оние кои текстови на свои колеги ги препраќале во тајната полиција и слично, за оние кои давале наредби за следење идеолошки неподобни…

НЕМА извинување ниту за тоа што сум членувал во Комисијата за лустрација каде сум бил изгласан со најмалку две третини од народните претставници, за спроведување на процес по препораки на Советот на Европа, за процес кој е спроведен во над 90 отсто држави во транзиција(зошто Македонија би била исклучок?) а во некои дури сега ќе почне, во комисија во која се барале членовите да не бидат на високи партиски позиции и кои треба да бидат афирмирани професионални и тн., за да се спроведе процесот на лустрација каде што требаше да се откријат соработниците на тајните служби, наредбодавците и вистината за нивните жртви(Некако цело време како да ги забораваме жртвите!!!). Бидејќи ми препорачуваш да најдам некоја чесна работа, и јас тогаш си мислев оти е чесно да се открие вистината за жртвите од идеолошкиот погром од кој илјадници невини луѓе ги терале на робија или дури и во смрт.

Веројатно ти е познато дека како во секој колективен орган, и во Комисијата за верификација на фактите секој член гласа според свое убедување, тоа не е некоја посебност само на лустраторите. Не секогаш исто гласаат и во Уставен суд кои според нивната квалификација, истите работи исто би ги толкувале, нели, па кога беше оспоруван законот за лустрација, речиси беа изедначени за и против? За потсетување, процесот на лустрација почна со општ политички консензус, во првичната верзија на законот беа вклучени и некои од решенијата кои потоа наголемо стана предмет на кавги(периодот после 1991, наредбодавци….)но и покрај тоа, тој беше оспорен на Уставен суд и претрпе измени. Поради недоречености, потоа следеше нов закон во кој поради свои причини, опозицијата не учествуваше, и со тоа законот беше по волја на мнозинството (партиите на власт), а следеше и повлекување на членовите предложени од опозицијата а потоа при повторниот избор СДСМ не предложи членови, за разлика од либералите…И што ти е поентата, дека поради бојкот на една партија, која (не)намерно не учествуваше во пишувањето на законот и не сакаше да избере претседател на комисијата од свои претставници, требаше сите други да се повлечат, иако дел од опозицијата реши да го даде својот придонес па се вклучи во новиот состав на комисијата? И сега кој е гревот на Даути, Ти сметаш дека при секоја кавга меѓу ВМРО и СДСМ ние останатите ќе се вмешуваме за нивно потлусурење? Знам дека на многу опозициски медиуми им беше трн во око ДУИ, поради „непослушноста“ кон оние кои бараа да излегува од влада и да го урне ВМРО, нешто што беше утопија, непознавање на менталитетот на народните маси и на политичките тактики. Во тој контекст, Бранко, веројатно сметаш дека останувањето во комисијата за лустрација на нас останатите е грев затоа што СДСМ одлучил да го бојкотира? Извини драг колега, и друг пат сум пишувал, не очекувај од Албанци да ги решаваат внатремакедонските кавги од идеолошка или историска природа, какви што испливаа во нај жестока форма. Не очекувај Албанцте да станат жртви поради истите, како што тоа например се случи сега со стотиците илјади „фантомски“ гласачи кој СДСМ ги бараше кај ВМРО, а „ги најде“ кај Албанците кои секако не можеле да гласаат за ВМРО!?

Да не заборавам да потсетам, извини што те замарам со општопознати работи, при гласањето за одредени предмети, секој од нас членовите некогаш бил со мнозинството, некогаш надгласуван(а некогаш претставници од истата партија не биле единствени?!), а некогаш биле сите единствени без разлика од која партија биле предложени, како во случајот на предметот кој во Стразбур го добил г-дин Трендафил Иивановски. Не знам зошто досега опозицијата која го користи овој случај на трибини, ТВ-дебати…, не го поставило прашањето на одговорноста на нејзините претставници кои гласале за негова лустрација?! Си го прочитал ли по кое образложение го добил спорот? Дали некаде се наведува дека се побива решението на Комисијата поради фактите, или според некои други(правнички акробации)? Зошто сега опозицијата не ги става на тапет Јанаке, Чедо или Благоја(им се извинувам што ги спомнувам) што не ја спречиле лустрацијата на г-дин Т.Ивановски? Примерот е колку за лустрација…А за новинари, оваа не одговор до тебе колега Геровски, туку до оние други што ми го спомнаа, сум гласал: за некои за кои имало документи, ЗА, а за други за кои немало, ПРОТИВ, но не според симпатии, туку според содржината на документите(на јавноста и е познато, бидејќи тоа процуре во медиумите, кој НЕ БИЛ за лустрација на позната колешка?). Некогаш претставници на другите партии(значи на ВМРО и СДСМ) биле ЗА а јас сум ПРОТИВ, ама во еден колективен орган не е умесно при секоја одлука секој да излегува и да се правда. Кога можат други органи да работат со принципот на гласање, зошто тоа да е грев за лустраторите. Ниту филозофите, ниту правниците, ниту лекарите…, никој нема иста перцепција за нештата. Сум гласал и за познати и за непознати, сум ги бранел тие што како имиња ништо не ми значеле, секогаш со намера никој да не се лустрира ако нема пишувани документи за тоа. Дури сум ги бранел и некои познати личности за кои приватно немам никакви симпатии поради нивниот антиалбански позиции, но не сум гласал за нивно лустрирање ако немало документи…Тоа се принципите, се друго се нијанси… А ќе повторам и една друга работа: да го почнеш процесот на лустрација, а да очекуваш никој да не биде лустриран, и тоа е нереално. Тоа не е детска игра.

Да, и членувањето во ад-хок телото кое се формира со политички договор не ми изгледаше како нечесна работа, а и ако добро платена(да не се загрижи Насер, за три месеци никој нема да стане милионер!), зошто да не се даде придонес да се заокружи процесот за излез од политичката криза.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.