Давитковски: Новата власт не може да прави смени на кадри како ќе им се посака

Неосновани се и неприфатливи тврдењата и изјавите дека новата власт ќе може да смени од три до пет илјади луѓе во државните институции бидејќи толку позиции се подложни на менувањето по секои избори, изјави вчера за „Дневник“ универзитетскиот професор Борче Давитковски. Тој реагира на изјавите во јавност со кои се тврди дека новата владина коалиција има целосно право да изврши масовна смена на вработените во државните служби бидејќи и служеле на досегашната владејачка партија.

– Предмет на смени може да бидат само неколку стотици на највисоки раководители од првиот и вториот ешалон. На пример, министри и заменик-министри, директори и заменик-директори и слично. Односно, најчесто оние луѓе што се именуваат и поставуваат од страна на Владата и кои по дефиниција се променливи – објаснува овој експерт, кој беше непосредно вклучен во реформите на јавната администрација последниве години.

Најавата дека може да се очекува масовна смена на државни административци прексиноќа ја искажа Петар Гошев, поранешен министер во македонски влади и поранешен гувернер на Народната банка на РМ. Во гостувањето на една скопска телевизија тој рече дека има многу позиции на кои треба да се случат кадровските промени.

– Рековме судството, полицијата и образованието мора да се вратат на вистинскиот колосек, мора да профункционираат институциите во согласност со Уставот на Република Македонија таков каков што е. Тоа прво мора да го направи новата власт, тоа се прави со смена на луѓето што работеле сосема спротивно од тоа. Се разбира, има инсталации на повеќе нивоа и тоа ќе треба да тече како процес, можеби ќе треба три, не знам, пет илјади луѓе итн. да бидат променети од позициите што сега ги држат и му служеле на фирерот – истакна Гошев во гостувањето во емисијата „Топ-тема“.

Според последниот регистер на вработените, во државниот јавен сектор во земјата има 129.653 лица. Сите тие се распределени во 1.291 институција, кои се финансираат од државниот буџет. При ова Владата на РМ се јавува како основач на 491 институција, Република Македонија на 71, а Собранието на РМ на 25. Практично, само овие институции може да бидат зафатени со кадровските промени по парламентарните избори. Но, како што предупредува експертот Давитковски, не и на сите нивоа во нивните внатрешни рамки. Останатите институции во земјата се основани од општините – 765 и од шефот на државата – една, но тие не можат сега да бидат предмет на рокади на раководните и другите кадри.

– Нашите закони се сега такви што веќе не овозможуваат промената на првите двајца луѓе да значи дека новите раководители потоа може да вршат внатрешни преместувања и смени како што ќе им се присака. Постојат стриктни законски ограничувања со кои практично сите оние државни службеници и други административци се заштитени токму од партиските промени на чело на тие институции. Значи, може да се менуваат министри, директори, заменици, но ништо подолу од нив. Ниту еден државен советник, началник или слично. Ако се случи тоа, ќе има директно кршење на законот – дециден е Давитковски.

Тој додава дека и во случајот некој ако сака некого да смени во пониските ешалони, тогаш новиот кандидат за таква функција треба да помине повеќе филтри и тестови и да исполни повеќе други услови за што треба подолго време.

Најголем број институции во државата се јавни установи – 890. Од нив во областа на образованието се 537, во областа на здравството 117, во областа на културата 108, во областа на труд и социјала 108, во областа на правда (KПУ и ВПУ) 12, во областа на животна средина 3 и од областа на информатичко општество (МАРНЕТ) е една институција. Од друга страна, вкупниот број јавни претпријатија е 129, од кои 109 се јавни претпријатија за комунални работи, 8 се јавни претпријатија за земјоделство и шумарство, 7 се транспортни јавни претпријатија, 2 јавни претпријатија од дејноста информатичко општество (МРТ и МРД), 1 јавно претпријатие од дејноста урбанизам, 1 јавно претпријатие од дејноста правда („Службен весник на Република Македонија“) и едно јавно претпријатие за стопанисување со спортски објекти класифицирано во дејноста други. Од вкупниот број 129 јавни претпријатија, 12 се основани од страна на Владата на Република Македонија, 3 се основани од Собранието на Република Македонија, а најмногу, односно 114, се основани од страна на Градот Скопје и општините. 14 владини министерства имаат 4.721 вработено лице.