Давутоглу: Турција има право да одговори ако воздушниот простор е нарушен

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу денеска изјави дека Турција има право да одговори ако нејзиниот воздушен простор е нарушен. Неговата изјава уследи по соборувањето на рускиот воен авион од турски ловци на турско-сириската граница, пренесува МИА.

Светот треба да знае дека Турција направила се што е неопходно за да ја гарантира сопствената безбедност, истакна Давутоглу.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека авионот бил соборенсо ракета воздух-воздух истрелана од турски авион Ф-16.

Група сириски бунтовници денеска објави  видео-снимка на која се прикажува маж кој неподвижно и тешко повреден лежи на земја, а за кој тврдат дека е починат руски пилот. Од групата мажи кои се собрани околу него се слуша како некој вели „тоа е рускиот пилот“, а потоа „Господ е голем“.

Снимката до британските медиуми ја испратила бунтовниката група која дејствува во северозападна Сирија, каде се активни групите меѓу кои е и Слободната сириска армија, но Исламска држава не е присутна.

Судбината на двајцата пилоти на рускиот авион се уште е неизвесна и нема потврда дали тие загинале, додека турските медиуми јавуваат дека два руска хеликоптера тргнале во потрага по нив.

Руското Министерство соопшти дека пилотите успеале да се катапултираат и дека сега се утврдува што се случило со нив.

На снимката што ја објави агенцијата Анадолија се гледа како двајцата пилоти со падобранци се спуштаат од соборениот авион.

Авионот, во моментот на соборувањето, се наоѓал на височина од 6.000 метри, а експлодирал во воздух и во пламен паднал врз планината Туркмен на сириската страна од границата.