Деца се газат, а семафорот заглавен низ институциите

Два пати било поднесено барање за измена на основниот сообраќаен режим на улицата „Борис Сарафов “  за воведување светлосна сигнализација, а конечната дозвола била добиена во петокот на 13 април тврдат од Град Скопје. Синоќа на оваа улица беше прегазено десетгодишно дете, кое во моментот е во стабилна состојба, но се здоби со тешки повреди, момчето имало внатрешно крвавење, напукнат череп и исчашување на едното рамо.

Град Скопје од почетокот на оваа година два пати поднесуваше барање за измена на основниот сообраќаен режим на улицата „Борис Сарафов“, за воведување светлосна сигнализација. На почетокот од оваа година , ЈП Улици и патишта беше задолжено  да изготви основен сообреаќаен проект за воведување на светлосна сигнализација на улицата „Борис Сарафов“.  Основниот проект беше изготвен и упатен до МВР за добивање на согласност во текот на месец февруари, оваа година. Министерството за внатрешни работи на ова барање не издаде согласност  – велат од Град Скопје

Според информацијата Град Скопје по добиениот одговор, повторно го задолжил јавното претпријатие Улици и патишта да изработи нов основен проект и истиот го достави до МВР за добивање на согласност на 03.04.2018 година.

Град Скопје за ова барање доби согласност во петокот на 13.04.2018 година и врз основа на издадената согласност веднаш му беше издаден налог на јавното претпријатие да почне со активностите за изведба на семафорската сигнализација на посочената локација на улицата „Борис Сарафов“  – се вели во информацијата

Жителите на Ѓорче Петров за денеска во 18 часот најавија нови протести поради вчерашниот инцидент, во кој автомобил удри десетгодишно дете.

Непосредно по несреќата, синоќа стотина граѓани излегоа на протести пред Основното училиште „Мирче Ацев“. Тие велат дека повеќепати барале да бидат поставени светлосна сигнализација и легнати полицајци, но наишле на отпор од надлежните иако досега се повредени многу деца, а и возрасни. Жителите се заканија дека ако се случи уште еден ваков инцидент, ќе го запалат цело Ѓорче.

Според информациите на присутните на протестот, момчето ја минувало улицата на пешачки премин, а возилото се движело во спортивна насока, за да ги избегне дупките на патот.